Музика на кирилица

“Чиста околина” го најавуваат следниот албум со синглот “Врие Македонец”

2021 година беше успешна за хип-хоп колективот “Чиста Околина”. Се вратија на сцената цели дваесет и пет години по објавувањето на култното деби „Новиот аспект на старата школа“ и го издадоа повратничкиот албум “Avant-garde Fatiguee”. Албумот беше поддржан од два сингла („Си играме со рапот“ и „Малку поети“), како и од дополнително албумско издание со инструментални верзии од песните.

Пред самиот крај на оваа исклучително важна година за бендот, тие сакаат да им порачаат на фановите дека забрзано работат на заокружување на следниот албум, што треба да биде објавен веќе во првата половина на 2022 година.

Тие како најава, неодамна во етер го пуштија „Врие Македонец“, првиот сингл од новиот материјал. “Чиста Околина” остануваат доследни на својата бескрајна музичка љубопитност и на новата песна го спојуваат хип-хоп изразот со семплови од Драган Ѓаконовски -Шпато („Поздрав до оркестарот“), Телонаука совршена („Небо“), Анастасија („Гори“) и Алек Пејовски („Над истата темнина“).

Ваквиот, навидум невозможен, колаж од музички стилови и влијанија, создава совршена подлога за експлозивниот, политички ангажиран текст, во кој бескомпромисно се занимаваат со безизлезноста во која, децении наназад, без престан тонат цели генерации.

На „Врие Македонец“, новиот сингл на “Чиста Околина”, ги придружуваат Кацар и Вена, а миксер и
продуцент на песната е Драги Иванов, кој свири и гитара. Наскоро ќе излезе и видео
спот за синглот, во режија на Иван Солунчев.

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....