Музика на кирилица

Давид Темелков со нова песна го прославува роденденот (Видео)

Македонскиот пејач Давид Темелков, кој веќе десетина години гради музичка кариера во Хрватска, денеска го прославува својот 29-ти роденден. По тој повод, тој на своите обожаватели им подарува нова песна и спот. „Не кревај раце“ („Ne dizi ruke“) е снимена на македонски и на хрватски јазик, музиката ја напиша Миро Буљан, текстот е на Соња Буљан, а препевот на македонски го направи Давид.

„Интересно е дека мојата долгогодишна девојка Елена ми е главна глумица во спотот, кој, верувале или не, целосно е снимен со мобилен телефон, во монтажата имав помош, а режисер сум јас самиот. Инаку таа е телевизиска водителка, заедно сме веќе шест години и ми е огромна поддршка во сѐ. Имав мала незгода, пред снимањето скршив нога, но, за среќа, тоа не се забележува во кадрите. Снимавме на Истра, во Водњан, Ровињ и во Пула. Всушност, ова е наша автентична приказна, бидејќи Елена е од Истра, поточно од Водњан, па во видеоприказната ја овековечивме и нејзината улица“, вели Темелков за Нова Македонија.

Темелков наскоро ќе го одржи и својот прв солистички концерт. Имено на 12-ти август, тој ќе го отвори годинашното „Новоградишко лето“.

„Ќе пеам пред 40.000 луѓе два часа, а по мене настап ќе има групата „Парни ваљак“. Планирам да направам еден сплет од песните на Тоше, кои многу ги сакам, за таа пригода, а меѓу нив секако ќе биде и „Илузија“ на композиторот Кире Костов, која како да е за мене пишувана“, додава Темелков.

Можеби ќе ве интересира: