Музика на кирилица

Елена Миленковска порачува “Ти ми рече не” (Видео)

Младата и веќе докажана поп пејачка Елена Миленковска за делото на Роберт Билбилов, “Ти ми рече не”, раскажа своја видео приказна. Новиот спот на Елена Миленковска е во режија на Огнен Шапковски, а како продуцент се потпишува Александар Пауновски. За тотално природната шминка и фризура се погрижи Бобан Тодоровски, а за стајлингот Тамара Стерјова, тимот кој не се менува.

“Ако треба да опишам каков е мојот нов спот, тогаш само ќе Ви речам дека одлучивме овој пат приказната да биде многу едноставна, преку емоција да ја опишам песната. До сега во сите свои спотови сум имала различни улоги, со партнер или со повеќе статисти, овој пат идејата беше јас да бидам во главната и единствена улога и сето она што е веќе испеано да го доловам преку емоција. Јас претставена во најприродно светло, Елена каква што е, без додавки”, изјави Елена Миленковска.

Песната “Ти ми рече не” е комплетно дело на хит-мејкерот Роберт Билбилов, односно тој се потпишува зад музиката и аранжманот, текстот пак е дело на Ксенија Николова, а мастерингот го направи Дарко Димитров. Видео записот е сниман во Македонската Опера и Балет во само еден ден. Режисерот Шапковски е сигурен дека заедно со Елена создале спот кој е гледлив, спот кој секого од нас го остава самиот да си ја дораскаже веќе започната приказна која ја буди во секој од нас музиката заедно со видео записот за песната “Ти ми рече не”.

“На сите оние кои некогаш биле во ситуација да се навратат на некоја стара и болна љубов, љубов по која знаат дека се е завршено, веќе им се допадна песната, а јас искрено се надевам дека така ќе биде и отткако ќе го погледнат мојот нов спот”, додава Елена Миленковска.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: