Како што не известуваат од Филтер Лабел, соработката со еден од најталентираните македонски џез композитори и гитаристи, Георги Шарески, продолжува и во 2024 година.
Откако тие минатата година го објавија дует албумот со виртуозот на усна хармоника Марко Јовановиќ, овој пат тие ви претставуваат еден сосема поинаков проект – џез триото „The Instincts“.
Станува збор за интернационален состав, во кој Шарески членува заедно со германскиот тапанар Boris Bell и финскиот басист Antti Virtaranta. Тројцата музичари припаѓаат на различни генерации и имаат различни музички влијанија, но во „The Instincts“ ги спојува нескротливата љубопитност и желбата за експериментирање.
Осумте композиции се токму тоа – непрекинато движење низ различни форми, во потрага по звукот што ги спојува нивните поединечни музички сензибилитети. Оваа возбудлива сонична прошетка на моменти потсетува на палавоста на Marc Ribot, понекогаш на современите тенденции на Mary Halvorson, но албумот во ниту еден момент не ја губи компактноста на целината.
“Gentle Songs” е успешна надградба врз базата што „The Instincts“ ја поставија на првенецот “Music Unseen”. Сепак, во оваа прилика звучат многу позрело, без да ја изгубат радоста на креирањето низ постојана меѓусебна интеракција. Осумте композиции се очигледно инспирирани од богатата џез традиција, но нивните изведби често храбро се оддалечуваат од неа и допираат до сосема други жанрови. Ова е исклучително оригинален материјал, со префинето чувство за баланс помеѓу импровизациите и постојаниот грув што пулсира низ албумот.
Автор на пет композиции е Георги Шарески, две се потпишани од Boris Bell, a една е заедничко авторство на триото. Миксот и мастерингот се на Бојан Угриновски, а обвивката ја дизајнираше Ѓорѓе Јовановиќ.
Албумот “Gentle Songs” на „The Instincts“ од денеска е достапен на сите позначајни музички сервиси во светот.