Музика на кирилица

„Фолтин“ го промовираше најновиот студиски албум „Симултан бакнеж“ (Аудио)

На платото пред Младинскиот Културен Центар во Скопје, на 1-ви јули групата „Фолтин“ го промовираше својот најнов албум насловен „Симултан бакнеж“. Овој албум е составен од четири песни снимени во Студиото „Алшар“ во Скопје, во декември 2020-та година.

На најновиот албум „Симултан бакнеж“ работеше стандарната постава на групата, додека фотографијата и дизајнот на омотот се креација на режисерот Ѓорче Ставрески, издавач на албумот е „ОХО продукција“, продуцент е Пеце Талески, а извршен продуцент е Илија Тирицовски.

Новиот албум беше промовиран истовремено со спот за една од песните објавени на цедето. Станува збор за песната „Кој може да расипе еден ваков ден“, во режија на Милена Виитман. Директор на фотографија е Мишел Ривас, а актери се Рио Раш и Ниша Вирмани. Видео записот е снимен во Берлин. Продуцент на видеото е Пеце Талески, а како извршни продуценти се јавуваат Милена Виитман и Илија Тирицовски.

Групата најави повеќе концерти во текот на летото на различни места низ државата, а доколку состојбата со коронавирусот остане стабилна можно е да направат концертна промоција на албумот во Скопје во септември.

Можеби ќе ве интересира: