Музика на кирилица

“Гласот на мојата душа” прв спот на бендот Визија (Видео)

Првиот видео спот на скопскиот бенд Визија, за песната “Гласот на мојата душа” беше неодамна промовиран во рок барот “Гарсон”. Овој прв видео спот на далеку познатиот бенд е во режија Марко Џамбазоски, кој воедно е и сценарист и монтажер, снимател на истиот е Кристијан Караџовски, шминка Биле Младеновска, а додека улогите ги толкуваат Стефан Петровски, Александар Алексовски, Дамјан Јосифовски и Дејан Младенов. Спотот е во продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје.

Бендот Визија постои четири години, а во него членуваат Марко Џамбазоски соло гитара и придружен вокал, Марко Гапо вокал и ритам-гитара, Лилјана Јанкова бас-гитара и придружен вокал и Синиша Ѓорѓевиќ, тапани.

За еден од најголемите успеси на бендот се смета настапот на 47-то издание на “Гитаријада” во Заечар, во 2013-та година, а набрзо потоа и на “Јелен Демофест” во Бања Лука, каде што добија одлични критики. Потоа следуваат концерти во Скопје, Никшиќ, Благоевград, Штип, Куманово и во Белград.

Важни за овој бенд се и позитивните критики од британската музичка интернет-страница “Emerging Indie Bands”, што на нивната листа од најдобри 90 нови бендови за 2014-та година ја поставува Визија на 7-то место, како и американската радиостаница “WMBR” што ја вбројува песната “Гласот на мојата душа” меѓу најдобрите за 2013-та од територијата на поранешна Југославија.

Тие на 28-ми минатиот месец настапија на новото издание на Таксират Лузер фест кое што се одржа во Младинскиот Културен Центар во Скопје.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: