Музика на кирилица

Голем заеднички концерт на Биљана Дамјановска и Сефедин Бајрамов во Битола (Фото)

Во склоп на прославата на 43-от роденден, Центарот за култура – Битола широко ги отвара вратите за голем заеднички концерт на двајца еминентни естрадни уметници од Битола, Биљана Дамјановска – Јанчевска и Сефедин Бајрамов. Уметници кои имаат еден фасцинантен уметнички опус зад себе и направиле голем печат на битолската и македонската музичка сцена. Инструментална придружба на Дамјановска – Јанчевска и Бајрамов ќе биде Камерниот оркестар на Битола.

„Јас навистина се радувам што прославата на 43-от роденден на Центарот за култура симболично ја поврзуваме  со едно 50 годишно творење и оставање на траен белег на македонската музичка сцена, така што можам да кажам дека нивниот опус е постар дури од нашата зграда на Центар за култура во која што ќе се случи концертот.  Се надеваме како и на сите концерти досега ќе си ги испочитуваме и домашните уметници и ќе ја наполниме салата до последно столче“, истакна маја андоновски – илијевски, директор на центар за култура – битола.

Другарувањето на Биљана Дамјановска и Сефедин Бајрамов датира од многу одамна, а денес тоа е веќе куќно пријателство базирано на искрено професионално и приватно дружење.

„Овој концерт ми предизвикува и некоја мала возбуда, бидејќи е многу специфично и значајно да напраивш концерт да биде масовен и да биде масовен во градот во кој егзистираш. Се надевам дека двата сме си оставиле доволно кредибилитет и авторитет во овој град за наредниот четврток да биде исполнета салата до последно место“, рече бајрамов.

На концертот ќе бидат застапени мал број на композиции во однос на богатиот репертоар на двата изведувачи. При што Биљана и Сефедин ќе бидат застапени со по 8 песни секој и една заедничка песна. Редоследот ќе биде хронолошки, почнувајќи од дебито на Скопскиот фестивал до последните нумери од Фестивалот на серенада.

„За овој концерт многу години на назад дискутиравме. Освен 16-те песни тука е и песната „родителска љубов“ со која сакавме да се одолжиме на нашите родители кои веќе не се меѓу нас, за да не слушнат како сето тоа заедно го изведуваме. Самиот град бараше од нас една вечер да настапиме заедно. имаме наша слична всушност заедничка публика и затоа решивме да го направиме ова. јас чувстувам голема возбуда и трема и се надевам во четврток ќе биде најубаво што може“, вели дамјановска – јанчевска.

Македонската радио телевизија чии “чеда“ се Дамјановска и Бајрамов ќе го снима и емитува целиот концерт одложено. Имено првите телевизиски и студиски снимања на овие интерпретатори беа во тогашната Телевизија Скопје во студијата во Нерези, а подоцна и во студијата на новата зграда, каде што снимиле многу песни.

Можеби ќе ве интересира: