Музика на кирилица

GreenOut со концертна промоција на последниот албум “Рапаноја”

Култниот модерен македонски хип хоп состав, со големо задоволство ја најавува концертната промоција на неодамна издадениот албум “Рапаноја”, која е закажана за четврток 27-ми ноември, во Младински културен центар. За оние кои сакаат вистински хип хоп, Tonyo SAN, LD Pistolero и Foolish Green најавуваат целовечерна хип хоп револуција како презентација на албумот, кој го издаде Suriken Records.

GreenOut e хип хоп трио, составено од три уметници со микрофонот, кои зад себе веќе имаат едно албумско издание (“Некои скопски бандити”, 2009). Антонио Арангеловиќ (Tonyo SAN), Владимир Пешков (LD Pistolero) и Ненад Стефаноски (Foolish Green) се дел од новиот бран хип хоп артисти, кои во досегашните кариери имаат сериозен број солистички проекти како и членувања и соработки со бројни музички имиња како Легијата, Против Сите, STR2, Алтернативниот состав на Foolish Green итн. Препознатливи по своите автентични freestyle настапи, овие момци имаат реализирано повеќе од 100 настапи и концерти во Скопје и низ Македонија, па ова ќе биде уште еден во низата одлични настапи, посветен на издавањето на вториот албум на составот.

Незаборавајте, концертната промоција ќе се одржи во денсинг салата на Младинскиот културен центар со почеток во 21:30. Цената на билетите во претпродажба е 150 денари, на влез 250 денари. За првите 200 посетители се обезбедени 200 гратис албуми. Билетите можат да се набават во билетарницата на МКЦ. За крај, GreenOut го најавуваат и специјалниот гостин на настанот – DJ Гоце САФ.

Подетални информации можат да се најдат на официјалниот евент за настанот, како и официјалната фан страна на составот.

Извор: Fox.мк/Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: