Музика на кирилица

Јубилејно 10-то издание на “Ѕвездена орбита на популарноста” во Битола

Јубилејното десетто по ред издание на “Ѕвездена орбита на популарноста” што синоќа се одржа на плоштадот Магнолија во Битола, уште еднаш го оправда неговото постоење. Промовирањето на македонската музика и нејзините изведувачи е целта на овој музички хепенинг што го организира ТВ Орбис во рамките на најдолгото културно лето во Македонија “Бит Фест”.

ТВ Орбис години наназад реализира проекти чија цел е не само промоцијата на македонската музика туку и на нејзините интерпретатори. На годинешната музичка манифестација учество зедоа 15 интерпретатори и музички групи како од Битола, така и од целата држава. Битолчани, а и сите посетители имаа можност од популарни естрадни уметници и од пејачи кои успешно работат на развивање на успешна кариера да ги слушнат веќе познатите рефрени од фолк сцената на Македонија.Некои од изведувачите учествувале и на претходните изданија на “Ѕвездена орбита на популарноста”, некои за прв пат, но заедничко за сите е дека идејата е одлична.

“Немам што да кажам за “Ѕвездена орбита на популарноста”, треба да има многу Ѕвездени орбити од сите телевизии од нашата Македонија и на таков начин македонската музика ќе биде уште повеќе промовирана. Значи колку повеќе има вакви случувања, толку подобра реклама ќе има за нашата македонска песна”, изјави Борче Наумовски, естраден уметник.

“Ми е чест и задоволство што вечерва и јас бев дел од “Ѕвездена орбита на популарноста”. Навистина ова е прекрасна манифестација која треба да се негува, ова е големо дело за Македонија и се надевам дека наредната година ќе учествуваат поголем број на изведувачи”, пренесе Ташко Каранфиловски, естраден уметник.

“Би било убаво да има повеќе вакви манифестации”, додаде Николина Коцева, естраден уметник.

“Мислам дека оваа е добра манифестација, но треба почесто и повеќе да се прават вакви манифестации за да дојде до определено ниво македонската музика и да се зачува”, истакна член на група “Експлозив”. Присутната публика имаше можност да ужива во една убава атмосфера со добра македонска музика и забава. Манифестацијата се одржа под покровителство на градоначалникот на општина Битола Владимир Талески.

За Музика24 од Битола: Ана Трајчевска – ТВ Орбис

Можеби ќе ве интересира: