На 3-ти април во Младинскиот културен центар во Скопје, тетовците “Skyrise” ќе одржат концертна промоција на албумот “To Unknown”. На првиот самостоен концерт, младиот состав ќе го претстави своето деби – “To Unknown”, кое минатата година беше издадено за Пасворд Продукција.
Жанрот на песните што се најдоа на првенчето на бендот од Тетово може да се дефинира како алтернативен и уметнички рок, кој што излегува од локалните и регионалните квалитетни стандарди и претендира да звучи светски, како естетски така и продукциски.
Материјалот кој што се најде на “To Unknown”, иако издржан, ја задржува својата скромност и како и во самиот наслов, се препушта на непознатото и на непредвидливо патување на душата на музиката. Песните, сосема невино и природно се движат меѓу различни расположенија и се прилагодуваат на слушателот. Сите девет песни од албумот кој беше снимен во студијата Супернова и МариФет од Гоце Симоновски и Ивица Јанкуловски, се потпишани и продуцирани од бендот.
“Skyrise” лани настапија како предгрупа на канаѓаните Hidden Cameras, концерт кој беше дел од промотивните настани за 16-то издание на фестивалот Таксират.
Подготви: Редакција Музика24