Музика на кирилица

Легендарната „Едно име имаме” препеана од Александар Тарабунов (Видео)

Можеби една од највпечатливите македонски песни „Едно име имаме” отпеани од грлото на легендарниот Јонче Христовски, која е и своевидна химна и една од оние аманет-композиции со кои се идентификува македонскиот народ, маестро Николче Мицевски во рамки на проектот „Македонијо во срце те носиме” ја спакува во ново руво, а Александар Тарабунов се обиде да ја донесе онака како што тој знае и умее.

„Едно име имаме” ја пеам одамна и ми е многу драга песна, ми буди убаво чувство за Македонија и горд сум што ја препеав и имам можност да ѝ ја претставам на публиката во едно ново руво”, вели Тарабунов и се присетува на една убава случка поврзана токму со македонската фолк легенда: „Одамна ми беше голема желба да препеам некоја од безвременските песни на Јонче Христовски бидејќи беа големи другари со татко ми. Се сеќавам дека кога бев мал на еден мој роденден Јонче ми подари цела ќеса џамлии „црнки” коишто во тоа време беа највредните. Со роденденскиот подарок излегов во маало да играм со другарите и поголемите ме намирисаа и ми ги ќарија сите џамлии. Кога се вратив дома татко ми ме праша каде ми се џамлиите од Јонче, е а кога дозна каде се отиде на врата да им ги бара ха, ха, ха…”

Видеото за „Едно име имаме” во изведба на Александар Тарабунов е со потписот на Скендеровски продукција, која стои зад проектот „Македонијо во срце те носиме”, а во чии рамки се препеани 12 македонски легендарни песни, во изведба на 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика. Меѓу изведувачите кои публиката уште треба да ги слушне и види се и: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска и Зуица Лазова.

Уживајте во изведбата на Тара и легендарната „Едно име имаме” и, секако, очекувајте го концертниот караван кој ќе стартува кон крајот на летото и кој под истото име „Македонијо во срце те носиме” ќе гостува во неколку македонски градови – Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас.

Можеби ќе ве интересира: