Музика на кирилица

Легендарната група “Македонија” се враќа на македонската естрада

На овогодинешното јубилејно 20-то издание на “Охрид фест” ќе бидеме сведоци на спектакуларниот музички камбек на легендарната македонска музичка група “Македонија”, чија слава во седумдесетите години се распосла и до најодалечените делови од поранешна Југославија. Нивните песни “На пуст остров”, “Има една мома”, “Есенска роза”, “Око мое зелено”… сеуште одѕвонуваат во ушите на постарите генерации. Магијата на повторното раѓање на женскиот дел од гупата “Македонија” (само жените раѓаат, нели) ќе се случи на Интернационалната вечер на “Охрид фест”, односно на 24-ти август.

Верица Ристевска, Даниела Панчетовиќ и Зорица Попанкова повторно заедно. Насловот на нивната нова песна е “Песната е ангелот”, а композитор на истата е кој друг ако не велемајсторот Глигор Копров. Текстот инспириран од животот на нашата славна група во докторски стил го напиша Миодраг Врчаковски. Голема беше возбудата при првата средба во студиото, кога Верица, Даниела и Зорица за прв пат ја слушнаа песната. На солзите радосници им немаше крај. “Возбудени сме”, изјавија.

“Песната е нашиот живот, тоа сме ние. И повторно заедно, за да ја воскреснеме убавината на нашата младост”, изјави сложно за медиумите. Искрено се надеваме дека песната ќе успее да го пронајде патот до вашите срца.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: