Музика на кирилица

Македонија ниту следната 2024-та година нема да учествува на изборот за песна на Евровизија (Фото)

Европската радио-дуфузна унија (ЕБУ), го објави списокот со имињата на 37 земји-учеснички на „Евровизија 2024“, што во мај, следната година, ќе се одржи во Малме, Шведска. Македонија втора година по ред нема да учествува на ова големо музичко европско натпреварување.

На 68-то издание на овој престижен фестивал, што ќе се одржи од 6-ти до 9-ти мај, од државите од нашето опкружување ќе учествуваат претставниците на Србија, Хрватска, Словенија, Грција и нa Албанија.

Од земјите што ги немало изминатите години ќе учествуваат пејачи од Белгија и Луксембург.

Евровизија повторно во Шведска ја донесе Лорин , која победи на последниот избор со песната „Tattoo“. Со овој успех, заедно со Ирска, Шведска е земја со најмногу победи, вкупно 7 први места освоила секоја од нив.

На евровизискиот сајт: esc.today е објавено дека Македонската телевизија, како носител на лиценцата за учество на Евровизија официјално потврдила дека нема да учествува ниту оваа година, додавајќи оти жалат дека ќе не нема следната година меѓу учесниците.

Од Македонската Радио Телевизија се уште нема официјално соопштение во врска со нашето неучество на Евровизија следната година, но неофицијално добивме потврда дека веста е точна. Впрочем објавена е и од страна на ЕБУ. Се надеваме дека наскоро ќе ги слушнеме причините за оваа одлука.

Македонија на овој голем европски избор учествува до 1998 година, а наш прв преставник во Бирмингем, Велика Британија, беше Владо Јаневски со песната „Не зори зоро“ чиј автор е Григор Копров. Досега само девет пати сме влегле во финалето, а наш најдобар пласман е седмото место што го освои Тамара Тодевска 2019 година на „Евровизија“ што се одржа во Тел Авив, Израел. Таа многу впечатливо ја отпеа песната „Proud“.

Наш последен евровизиски претставник е Андреа, која на Евровизија 2022 ја отпеа песната „Circles“ на Александар Масевски.

И покрај се, пред десетина дена сепак бевме дел од „Детска евровизија“, што се одржа во Ница, Франција, каде нашата преставничка Тамара Грујеска го освои 12-то место.

Можеби ќе ве интересира: