Музика на кирилица

Македонскиот идол Иван Раденов ги забавува Белграѓани

Гевгеличанецот Иван Раденов, момчето што во 2010-та година беше избран за првиот “Македонски идол”, жари и пали низ белградските кафулиња. Тој заедно со својот бенд “Age of Aquarius” веќе месец и половина свири и ги забавува белграѓани. Музика24 го пронајде и накратко поразговара со него.

“Рокот, но и останатите жанрови кои ги свириме заедно со бендот одлично се прифатени од страна на белградската публика”, вели Раденов за музичкиот портал Музика24. На прашањето зошто толку Белград, тој ни одговори дека токму тука добил можност и шанса за промоција на себе си и својот бенд, поради моменталните случувања во македонската музичка сцена, тој веќе месец и половина е во Белград каде живее и истовремено го подготвува својот прв деби албум на кој што ќе се најдат песни-соработки со познатиот некогашен финалист во шоуто “Операција Триумф” Вукашин Браиќ, Кики Лесендриќ и легендарната рок групата “Пилоти” (која ја има изведено познатата “Заборављени”), како и рок бендот “Алогија”.

Според она што го видовме на местото каде што тој и неговиот бенд таа вечер имаа свирка, слободно можеме да заклучиме дека Србија и Белград одлично го прифаќаат нашиот прв идол, за разлика од самите ние. Раденов останува во Белград до средината на месец април, но, како што и самиот вели не му се брза околу враќањето во Македонија и не е чудо ако тој таму остане до крајот на летото.

Од Белград за Музика24: Александра Блажевска

Можеби ќе ве интересира: