Музика на кирилица

МРТВ делумно го објави финансискиот извештај за Евросонг

Неодамна Македонската радио телевизија објави Извештај за финансиското работење на ЈРП МРТ во период од 01.01.- 31.03.2022 година. Во овој извештај во кој пишува за приходите, трошоците, расходите, вложувањата и идните планови на МРТВ, меѓудругото пишува и за трошоците кои националниот сервис ги има потрошено и планира да ги потроши во ставката Евросонг.

Па така, како Надомест за фестивалот Евросонг за 2022 година МРТВ планира да издвои 2.500.000 денари или 40.650 евра. Тоа се однесува до телевизиските права, што претпоставуваме дека станува збор за сума која се плаќа за учество и директно емитување на Еврсонг.

Што се однесува до останатите трошоци кои МРТВ ги има досега платено или ги планира за проектот Евросонг, како што пишува во веќе објавениот извештај, тие во дадениот период од почетокот на јануари до крајот на месец март оваа година платиле 199,368 денари или 3.241 евро, а до крајот на оваа тековна 2022 година за проектот Евросонг треба да платат 3,300,000 денари или 53.658 евра.

Побаравме одговор од надлежните во Македонската радио телевизија да ни објаснат и дадат детален и транспарентен извештај за овогодинешното учество и трошоци што се однесува до Евросонг, но тие не упатија дека треба да пратиме e-mail кој дополнително би се разгледал и дури потоа би ни било одговорено дали и кога би го добиле деталниот извештај за трошоците на македонската евровизиска делегација која годинава учествуваше на Изборот за песна на Евровизија во Торино.

Музика24 веќе го подготува мејлот кој што треба да го достави до надлежните во МРТВ за да го добиеме спорниот детален финасиски извештај на трошоците што годинава македонската евровизиска делегација го има направено, или со прости зборови, би сакале да видиме колку пари од граѓаните, наши пари се потрошени и каде се се потрошени околу овогодинешното издание на Евросонг во Торино.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: