Музика на кирилица

На денешен ден почина Александар Сариевски, познатиот македонски пејач на народна музика (Фото+Видео)

Александар Сариевски е роден во Галичник на 20-ти јуни 1922 година. Тој беше и ќе остане најголемиот македонски пејач на македонска народна музика и композитор на новосоздадени фолклорни песни.

Средното образование го завршува во Скопје, каде и започнува со учење на хармоника. Во 1946-та година во Македонското радио ја снимил песната „А бре невесто око калешо“.

Сариевски е композитор и текстописец на познатата песна „Зајди, зајди јасно сонце“, која е позната насекаде низ Балканот и низ светот и препеана на многу јазици. Во своите песни, тој ги опеал родниот Галичник, невозвратената љубов, печалбарството, а познат е и по многуте хумористични песни. Неговиот музички опус претставува дел од македонското културно богатство. Исто така, Сариевски е еден од основачите на ансамблот „Танец“ со кој постојано патувал низ светот, ширејќи го оригиналниот македонски народен мелос.

Тој починал на 19-ти декември 2002 година. Притоа, по повод смртта на Сариевски, телеграма со изрази на искрено сочувство до неговото семејство упатил и министерот за култура Благој Стефановски во која истакнал дека „со смртта на овој доајен замина човекот, кој низ звукот на тапанот во „Тешкото“, низ народната песна, низ целиот свој живот од Галичник до легендата ја опеваше душата и битот на македонскиот народ“.

Сариевски е најмногу запаметен по интерпретацијата на следниве песни: “Зајди, зајди јасно сонце”, “Учи ме мајко, карај ме”, “Јовано, Јованке”, “Море сокол пие”, “Дејгиди луди млади години”, “Абер дојде, Донке”, “Зајко кукурајко” и многу други.

Подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....