Музика на кирилица

На роденденот на Влатко ќе биде промовиран албум со негови необјавени песни (Фото)

На денот кога Влатко Илиевски ќе го прославеше својот 37-ми роденден, 2-ри јули 2022 година, на пладне во ресторанот на ФК „Работнички“ во Градскиот парк, за прв пат ќе биде претставен албумот  „Последно танго“. Се работи за своевиден музички тестамент на Влатко, составен од до сега необјавени песни кои пред неговото трагично заминување беа подготвувани за неговиот нов студиски албум.

На албумот има вкупно 14 песни, кои авторски ги потпишуваат Кристијан Габроски, Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Дарко Тасев, Весна Малинова, како и легендарниот фронтмен на „Дивље јагоде“, Зеле Липовача. Зеле и Влатко заедно го снимија големиот хит на „Дивље јагоде“ – „Не желиш крај“. Дел од нумерите се од некои фестивалски, две со „Златни Славејчиња“, а половина се сосема нови.

Така публиката ќе има можност да ги чуе: „Дајте му ја“ („Охрид-фест“ 2017),  „Не постојам без тебе“, „Кој ли е ден“, „Со тебе најдов среќа“, „Се ќе покрие прашина“, „Вило вилена“, „Македонка“ (фестивал „Златен костен“, Петрич, Бугарија 2016), „Комшивке убава“, „Љубов“ (дует со Јулија Димчевска), „Последно танго“ (најслушана песна меѓу два фестивала на „Макфест“), „Не желиш крај“, „Сети се“ и „Божикна песна“, снимени со хорот „Златно Славејче“.

Како посебен куриозитет, на албумот ќе се најде и првата песна на Влатко Илиевски, која ја снимил во студиото на неговиот професор по музичко Ангел Ќосев, уште како осмооделенец. Се работи за неговото авторско дело „Together Again“, за која самиот го сними и соло на гитара.

Промоцијата ќе биде весел настан од отворен тип, на кој ќе се соберат неговите пријатели, роднини, соработници, фанови.

Можеби ќе ве интересира: