“Пеперминт” конечно ќе го промовира својот нов албум насловен “Ама Ако”. После успехот со синглот “Ако” и активната година со повеќе остварувања и успеси, панк-рок составот веќе важи за најголемото освежување на домашната музичка сцена. Како наговестување за последното студиското остварување, “Пеперминт” неодамна го објавија и новиот видео-спот за песната “Твоето Куче”, за кој што веќе пишувавме.
Новиот албум “Ама Ако”, кој “Пеперминт” го објавува за издавачката куќа “Пасворд Продакшн” содржи 11 композиции и е надополнет со четири бонус песни. Сите песни се снимени во “Пеперминт продукција”, а зад музиката, текстот и аранжманот се потпишува Горан Трифуновски – Пајак. Покрај Горан Трифуновски (вокал и гитара), во составот на “Пеперминт” се: Златко Доневски – Боззо (тапани и вокали), Јане Тодоровски – Фанк (бас и вокали) и Ана Трифуновски (шејкери и вокали). Во реализацијата на ова студиско остварување како гости се појавуваат: Маријан Петровски, Кацар, Иван Душков, Игор Николовски – Гац, Сотир Ивановски – Тир, Весна Левајковиќ, Филип Вирановски.
Промоцијата на албумот “Ако” ќе се одржи во среда, 13-ти февруари, во кафе бар “Љубов”, со почеток во 19:00 часот. На задоволство на својата публика, за оваа промоција бендот подготвува и посебен акустичен сет. Музика24 ќе биде на местото на настанот и ќе ве извести за се она што се случувало.
Подготви: Виолета Трајкоска