22-то издание на интернационалниот музички фестивал “Охрид фест” ќе се одржи од 23-ти до 26-ти август, на новата сцена во Долни Сарај, која благодарение на Министерството за култура доби светски изглед. И годинава владее голем интерес за фестивалот ширум Балканот, но и надвор од неговите граници. Најавено е учеството на позната пејачка од Шпанија, како и на победникот на грчката верзија на Идол, како и многу други изненадувања.
Како и лани, фестивалот ќе биде пренесуван на десет балкански телевизии (Хајат – Бих, Прва српска, Коперникус, Белами, Свет плус – Србија, Фен, Балканика – Бугарија, Визион Плус – Албанија, Z1 – Хрватска, Нет ТВ – Словенија). Исто така, по минатогодишните одлични впечатоци за фестивалот, националната телевизија од Русија “”Московска шансона” и турската ТРТ – ќе вршат директен пренос од овој еминентен фестивал. На сите овие телевизии, на почетокот на секоја фестивалска вечер, ќе биде емитуван триминутен спот за убавините на Охрид, со што овој наш бисер и Република Македонија, ќе добијат одлична бесплатна реклама во 8 европски држави. Македонската телевизија ќе биде задолжена за директниот пренос, а се уште се размислува кои водители најсоодветно ќе одговорат на поставените задачи.
Специјализираниот македонски музички портал Музика24, исто како и минатата година, и оваа ќе биде дел од медиумските покровители на овој голем музички балкански и меѓународен музички фестивал.
Подготви: Редакција Музика24