Музика на кирилица

Петар Дамчески: Наскоро планирам да го издадам мојот прв албум (Фото+Видео)

Toj ни доаѓа од Мелбурн, Австралија и има само 15 години. За него допрва ќе се слуша. Петар Дамчески е младо момче македонче кое што годинава реши својот годишен одмор да го помине во Македонија, а при тоа да созаде нова македонска музика и да сними кавери за познати македонски народни песни. Моментално во Австралија е ученик во 10-ти клас, односно по македонски, тој е втора година во средно училиште.

„Со музика се занимавам од најрана возраст. Секогаш сакав да пеам, а љубовта кон македонска песна ми ја всади мојата сестра Татијана, која кога бев мал постојано ме учеше да ги пеам старите македонски песни“, вели Петар за музичкиот портал Музика24.

Тој повеќе од една година соработува и ученик е на познатиот македонски музичар, создател на голем број македонски хитови, маестро Горан Милошески. Тој за соработката со својот учител Милошески вели:

„Повеќе од една година сум ученик на маестро Горан Милошески. Од него научив многу, и пеење, но и свирење. Учам да свирам на клавијатура, учиме да пееме различни правци од македонската музика. Многу сум му благодарен за се што ме научи досега и секако продолжуваме да соработуваме и во иднина“, вели Петар за соработката со својот ментор и учител, маестро Горан Милошески.

Младиот Петар Дамчевски со екипата која работи работи на неговите најнови песни (Огнен Неделковски, Горан Милошески и

Освен одморот и честото патување низ Македонија, прошетките и убавите на оваа наша преубава земја, Петар сепак пополека но сигурно ја завршува својата задача и цел за која што и всушност е дојден. Тој за овој краток период веќе зад себе во музичкото студио „Кактус“ има снимено две песни посветени на македонскиот живот, секојдневие…

„Веќе еден месец сум во Македонија. Со Горан Милошески снимивме две песни со текст на Огнен Неделковски. Се работи за една свадбарска песна „Братот се жени“, како и дует со познатата македонска пејачка Лени Партикова, песна која е посветена на тешкиот печалбарски живот. Песната се вика „Патишта и соништа“. Имав и неколку настапи низ Македонија, гостувања на познати музички емисии и музички телевизии“, откива Петар за своите активности во Македонија, а при тоа не срамежливо додава:

„Што се однесува до прошетките низ оваа убава македонска земја, моите родители се од Охрид и Тетово, па тоа е и правецот на моето движење овој период. Секако често сум и во Скопје на снимање на песните. Ја имам прошетано цела Македонија, езерата, планините, манастирите… Секогаш може да се најде време да се посетат убавините на Македонија и покрај обврските со музиката“, додава младиот Петар.

Петар на снимање во студио „Кактус“

Тој до средината на следниот месец е во Македонија да се посвети на себе, своите музички обврски и цели и да го заврши она за кое што наскоро и ние како музички портал ќе пишуваме и ќе известуваме, а и да се одмори покрај некое од нашите преубави македонски езера. Како што дознава Музика24, наскоро за веќе снимените песни „Братот се жени“ и дуетот со Лени Партикова „Патишта и соништа“ ќе се снимаат и соодветни видео спотови низ Македонија во продукција на ИН телевизија од Австралија.

И кога го прашавме ова младо македонче после се, што понатаму кога ќе се врати дома во Мелбурн, Австралија тој без размислување и двоумење ни откри дека животот го продолжува со и покрај музиката.

„Продолжувам со музиката и се она што е планирано. Продолжувам и со соработката со мојот ментор и учител Горан Милошески и неговото музичкото студио „Кактус“ и искрено се надевам и верувам дека ќе снимиме уште многу песни. Секако во иднина планирам да го издадам и мојот прв албум“, открива младиот Петар Дамчески за музичкиот портал Музика24.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: