Музика на кирилица

Почина композиторот Тоде Новачевски

Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ ја соопшти тажната вест дека почина истакнатиот македонски композитор, музичар, педагог и долгогодишен член на СОКОМ, Тоде Новачевски. Творечки опус на Тоде Новачевски опфаќа оркестарски, камерни, вокално-инструментални дела и кантата за хор. Неговото творештво е препознатливо по големиот опус на народни и забавни песни, скоро сите антологиски хитови, а пошироката публика ги памети неговите песни кои ги испеаја Маријана и Росана.

Тоде Новачевски својот музичко-едукативен пат го проследува најпрво во средното музичко училиште во Битола. Потоа се запишува на наставно-теоретскиот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Две години подоцна, се запишува на одделот по композиција, во класата на Тома Прошев. На наставно-теоретскиот оддел дипломира во 1979 година, а на одделот по композиција во 1985 година. Од 1979 до 1982 година работи во Музичката продукција на РТС, а од 1982 година работи најпрво како корепетитор, а потоа како наставник во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”. Подоцна се преселува во Мелбурн, Австралија каде живееше и работеше повеќе од 30 години.

Новачевски беше во брак со пејачката Маријана Сариќ, сестра близначка на пејачката Росана. Дуетот Маријана – Росана ги пееше неговите најголеми хитови, „Признавам”, „Свири ми брате Цигане”, „Ако не исчезнам”, „Верувај ми”, „Венера”, „Око мое”, „Има една судбина”. Новачевски пак, ја пееше насловната песна „Урде чавен” на ТВ-серијата „Трст виа Скопје”.

Можеби ќе ве интересира: