Музика на кирилица

Тажна вест: Почина Мирко Попов, познат македонски музичар и основоположник на PMG Recording и PMG production

Како што дознава музичкиот портал Музика24, познатиот македонски музичар и основоположник на PMG Recording и основач на PMG Production, Мирко Попов, за жал вечерва почина.

Тој ќе биде запаметен по својата бунтовност, желба и страст за развој македонската електронска музика.

Беше роден на 15-ти октомври 1972 година во Скопје и е еден од напознатите македонски автори и продуценти на електронска музика.

Неговите почетоци датираат уште за време на основното училиште кога купувал плочи, а потоа и логично, бил ди-џеј на роденденските забави на неговите соученици. Првиот професионален диџеј ангажман го добил во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио Канал 103, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. Од 2008 до 2010 година бил и главен и одговорен урeдник на Канал 103.

Во 1993 година е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 бил главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во тој правец се движи и формирањето на Прогресивната Мултимедијална Група (ПМГ Колектив) во 1995 година од Мирко Попов и Александар Малевски, како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години прераснува во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции, од нарко-еуфории до музички револуции.

Во 1998 година ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денеска е водечка независна дискографска куќа во земјата, со повеќе од седумдесет изданија.

Во 2011 година, со намера да ја отслика духовната атмосфера на ПМГ подиумот за танц, ја покренал етикетата Патерн ПМГ, специјализиран за електронска денс музика.

Има остварено повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Се јавува и како автор на неколку музички дела за театар и филм. Режира една радио драма. Уредник е на неколку емисии што се емитуваат на скопското радио Канал 103, како и продуцент на електронска музика во склоп на ПМГ.

Нека му е вечна слава!

Можеби ќе ве интересира: