Музика на кирилица

Познатиот македонски музичар Владимир Четкар изигран од страна на организаторите на “Пивофест” (Фото)

И на само неколку дена од официјалното стартување на “Пивофест”, организаторите на овогодинешното издание – продукцијата Арт 10 започнаа со “ненајавено” откажување на веќе најавените музички имиња кои се постирани и претставени на публиката на официјалните профили на фестивалот. Најавени кон почетокот на јули, за по неколку дена истите да бидат избришани и заменети со други нови додадени музички имиња.

Музика24 дознава дека без било каква најава, под образложение дека фестивалот има финансиски проблеми му било јавено откажувањето на Владимир Четкар на неговиот настап кој бил најавен за 17-ти јули (недела), или последната вечер на фестивалот.

По тој повод, Четкар преку статус се обрати на своите верни фанови и обожаватели:

“Почитувани Дами и Господа. За жал настапот на “Пивофест”, Прилеп кој беше закажан на 17-ти јули нема да се случи поради како што бев информиран финансиски проблеми со кој се соочува фестивалот. Сите оние кој планираа да ме слушаат во Прилеп на 17-ти јули, тоа можат да го направат на 15-ти и 16-ти јули на “Вино и Џез Викендот” кој ќе се одржи во Винаријата Монастери, Село Опеница, Охрид”, напиша Четкар на својот Фејсбук профил.

Екипата на Музика24 исконтактира со нашиот познат музичар за лично да ни објасни за што точно станува збор и која е причината за откажувањето на неговиот настап, а тој за нашиот музички портал го изјави следново:

“Искрено, не знам која е причината за откажувањето на мојот настап. Јас добив информација и истата ја пренесов, толку можам да кажам, за жал. Не сум имал претходно искуство со “Пивофест” во Прилеп. Можеме да разговараме за мојот настап на “Вино и Џез”, имам многу побитни работи моментално отколку да се зафатам со “Пивофест”, изјави за Музика24 познатиот македонски музичар Владимир Четкар.

Освен ова, нашите колеги новинари од останатите медиумски куќи во Прилеп, шпекулираат дека поради непочитување на договорот со телевизија Канал 5 од страна на организаторот, фестивалот кој долги години се пренесува на оваа национална тв куќа веќе нема да се емитува на истата, а од она што последно го видовме на официјалниот сајт на “Пивофест” како единствен медиум се појавува само телевизија Сител. Освен ова, неофицијално, на големо се зборува дека при доделување на финансиските средства за организација на овогодинешното издание на “Пивофест”, одредена сума била предвидена за промоција, рекламирање и претставување на фестивалот во медиумите и пошироко. Но дали е тоа така, и колкава е таа сума допрва ќе дознаеме.

Оваа година ниту еден новинар не е достојно испочитуван и навремено не му се доставени информации во врска со програмата и сето она што и како се планира за времетраењето на овој некогаш познат пиво бренд во Прилеп – “Пивофест”. Ние од музичкот портал Музика24 кои години наназад го следиме и медиумски го покриваме овој пиво фестивал во Македонија, оваа година сме тргнати на страна и од организаторот прво нешто што ни беше кажано е дека ако сакаме да бидеме дел од фестивалот освен акредитациите кои ги добиваме од нив како организатори, сместувањето би требало самите ние да си го организираме и најдеме за да го следиме истиот.

Ако некој сака седмата сила да ја симне на колена и кој како сака да се однесува со нас новинарите, тоа ниту сме го дозволувале, ниту пак ќе го дозволиме и овој пат. Факт е дека на овој или оној начин “Пивофест” ќе се оддржи, но дали тоа ќе биде уште една локална и приватна забава на организаторот, тоа допрва ќе го видиме.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: