Музика на кирилица

Познатиот музичар Горан Милошески секојдневно еден месец со лајф концерти (Фото)

Тој е познат македонски композитор, продуцент, пејач… а од пред неколку години и подготвува млади кадри кои секако понатаму се запишуваат на високите музички училишта, факултети и ја развиваат својата кариера настапувајќи на познати македонски музички фестивали. Секоја вечер со почеток во 21 часот се вклучува преку својот мобилен телефон и ја забавува македонската јавност, и сите оние кои живеат и работат надвор од Македонија и го слушаат и се забавуваат со неговиот репертоар на песни. Тој е еден од првиот ако не и прв кој го започна трендот на вклучување во живо и тоа секој ден.

Горан Милошески кој сите го препознаваме по специфичниот и интересен вокал, го запрашавме каде и како после завршувањето на ова корона лудило, а што тој ни одговори прочитајте во продолжение:

“Најнапред сакам официјално, да упатам една голема благодарност до вашиот портал, Музика24, затоа што први ја поделивте вест за стартот на мојот проект – нова музичка емисија на социјалните мрежи. Мал е бројот на музичките медиуми кои нам, музичките уметници, ни се ветар во грбот, а оваа поддршка е инструмент повеќе во промовирањето на естрадната фела!

Изминатиов временски период, на глобално ниво, беше и сеуште е, голем предизвик, особено затоа што се наоѓаме во една вонредна ситуација, каква македонскиот народ скоро и да не памети. Со почетокот на мерките на изолација, а особено со воведувањето на полицискиот час, новиот ритам на социјална динамика воспостави и нов ритам на живеење. Веќе e јасно дека, покрај прилагодувањето на мерките, треба да ги менуваме и секојдневните навики. Во контекст на ова, медиумите на големо предупредуваа дека ваквата апатична состојба може да резултира со сериозни состојби на депресии. А јас секогаш сум верувал дека музиката е лек за душата и дека може да го облагороди секое срце, без оглед на тоа дали сме славеле во доброто или сме го носеле товарот на маката!

Јас сум човек од народот, човек кој без пресметки го оставал срцето на подиумот, а моите настапи во живо, секогаш биле синоним за добра забава, убава енергија, искрена љубов и почитување. И од таму зачна идеата во креирањето на една позитивна вибрација, каде ваквата своја, условно кажано, традиција ќе можам да ја продолжам преку социјалните мрежи, кои, во овие денови на дистанцираност, се најсигурниот достапен начин за забава и комуникација, безбеден прозорец кон светот. И ете,така почна ова моето дружење со моите ФБ следбеници и пријатели кое трае веќе еден месец. Да бидам искрен, очекував позитивна реакција од моите гледачи, но, не во ваков квантитет и таква искрена посветеност и радост.

Денес можам да кажам дека сум особено горд на интеракцијата која ја изградивме во овие ситни вечерни часови, благодарен на подршката и добродушноста со која сум добредојден во нивните домови и љубовта и взаемната желба со песна и убава дружба, овие мрачни денови што поскоро да ги оставиме зад нас. На спиновите, саботажите и опструкциите од одредени “личности”, кои многу често се обидуваат да ги прекинат емитувањата (упорно ѕвонејќи од скриени броеви со цел за дисконекција на мрежниот сигнал и еден куп слични збиднувања!), не мислам дека треба многу да им се придава значение, зошто на крајот на денот, тоа е незначителна цена, наспроти хуманата човечка намера и преферирањето на музиката, убавиот збор и порака како одговор на сите зла кои не демнат. Посебно се радувам на фактот што мојот отворен социјален простор соедини многу семејства, кои се географски бааги далеку ама со мислите и срцата, потпрени едни на други.

Па, така родителите, чии деца се далеку развиорени по светот, секоја вечер со нетрпение го очекуваат 21 часот, редовниот термин во кој започнувам. Низ песните се порачуваат колку се сакаат, се недостигаат… толку се далеку, блиску! И неретко овие журки и знаат да траат многу подолго од предвиденото време до 23 часот. А нашите комуникации не заршуваат тука! Останатиот дел од денот ми е исполнет со интезивна размена на пораки, порачки и поздрави на поддршка, што ми представува голема мотивација и репер дека сум на вистинскиот пат во својата желба направам една весела музичка разгледница во ова наше сиво и монотоно секојдневие.

Денес, еден месец по стартувањето на овие конзистентни мини концерти на социјалните мрежи, можам да кажам дека бројот на моите ФБ следбеници се зголеми за 20тина илјади, а дневните и вечерните лајф стримови, во континуитет, имаат гледаност од неколку илјадници на дневно ниво. Иако првичниот план беше да пеам секојдневно, за жал, со текот на времето согледав дека со тој ритам нема да можам да го здржам квалитативно ниво на емисиите. Имено, мојот настап е од типот, оне мен шоу, сам менаџирам со целокупната изведувачка и техничка поддршка, од пораки, порачки, матрици, интерпретација, а некогаш некои песни ги немам па, интензивно ги барам на музичките канали, со цел секоја музичка желба на моите гледачи да биде испочитувана. Ваквото темпо умее да биде исцрпувачко! Затоа ги распоредив емитувањата и сега редовно настапувавам во термините од 21 до 23 часот, од среда до петок, а за викендите правиме и пладневна шема од 12 до 14 часот.

Благодарен сум и на некои нашите телевизиски куќи, која ја препознаа хуманата димензија и изразија отворена поддршака кон овој музички концепт, па во рамките на своите програми објавуваат делови од моите видео свирки, а често сум и гостин во многу музички емисии и во дел од нашите портали. Почестен сум што многу наши семејства ми ги отворија срцата и своите домови и сега можам слободно да кажам дека се чувствувам како дел од нив, а нивните коментари дека, во овие тешки времиња, деновите сум им ги направил посебни, се мојата најголема награда и сатисфакција. Маркетиншкиот трик и профитерство на маката, никогаш не биле дел од од мојата лична и професионална агенда!
Неизмерно сум им благодарен на моите прилепчани, особено на семејството на Николче Трајкоски, Биба Крнчареска и сите мои драги пријатели. Тие се мојата најверна публика и гордо стојат зад поддршката кон се она што сум, а тоа е мојата плима во сите мои успеси. Зошто каде и да сум – јас сум дел од нив.

Голема е сатисфакцијата кога ќе почнете со музика, а од другата страна на мрежата ве чекаат стотици видео пораки на цели семејства, наседната околу софрата и пред тв екрани (така најчесто ме гледаат!) весели и подготвени за уште една видео забави. Најмили ми се децата кои ги гледам како скокаат и играат застанати пред телевизорите. А јас пеам за сите, сеедно дали се тука, во нашата убава Македонија или за оние кои се НАШИ, каде и да се. А на лајф журкти ги има од сите страни и континенти: Америка, Канада, Австралија, Германија, Италија, Шведска, Норвешка, Данска, Русија, Турција, Србија, Хрватска, Босна… навистина списокот е предолг. Но, јас секогаш велам дека музиката нема препреки, таа е универзална, нема вера и нација, а јас ќе пеам за сите мои стари и нови пријатели, како и за оние кои емотивно се на иста фрекфренција со најубавиот јазик на љубовта – јазикот на музиката!

Нашиот народ е вреден и чесен, носи во себе многу добрина и љубов и јас тоа го гледам секоја вечер, се разбира, исклучоците се минорни – каста сама по себе. И на крајот ќе ја испратам истата порака, онаа со која се разделуваме некаде пред полноќ: “Сакајте се, почитувајте се и бидете дисциплинирани, а јас ќе ви пеам, ќе ве забавувам и ќе бидам тука за вас”. До некои подобри и посреќни времиња, кога ќе ги продолжиме нашите забави “во живо”, ве сака вашиот Горан Милошески-Бато!”, изјави за Музика24 познатиот македонски музичар Горан Милошески.

Можеби ќе ве интересира: