Музика на кирилица

Празник за Штип – Анализа на Фестивалот за забавни мелодии “Макфест 2012” (Фото)

Помина можеби и најголемиот музички настан во Штип, градот под Исарот. Се одржа 27-то издание на “Макфест”, две недели подоцна од вообичаено, односно на 26-ми, 27-ми и 28-ми октомври. Како и секогаш градот е полн со гости, оживеан е и празнува. Без “Макфест” во Штип како и времето да застанало…

Организаторите си ја завршија својата работа и заслужија пофалби. По втор пат покажаа дека можат и умеат да се справат со штипската публика која е музички ненаситна и која многу добро знае да почувствува и препознае хит. Сцената во Домот на културата “Ацо Шопов” за прв пат изгледаше светски, а навидум толку едноставно. Имаше можност да се приспособи на барањата, желбите и замислите за настап на секој пејач посебно. Такви поразлични настапи од оние на кои досега сме навикнати да ги гледаме, имаа Сара и Тамара кои оставија убедливо најголем впечаток на публиката и ги понесоа наградите. Со победата на Сара по втор пат им се посреќи на ексклузивците на М2, претходната година тоа беше штипјанецот Зоран Илиев.

На “Макфест” недостигаа штипјани. Претставник беше Томас со својот авторски тим. Освен штипјани  недостигаа и дел од новинарите кои порано едвај чекаа да дојдат во Штип, да пробат вкусна пастрмајлија и да присуствуваат на музичкиот спектакл. Дали отсуството е со или без причина никој не знае, но “Без причина” групата ПМ направија “БУМ”  на сцена, поминаа забележано од оние новинари кои беа присутни и беа најмногу интервјуирани. На дечките тоа не им претставуваше проблем, бидејќи поради многуте настапи во Штип тие се чувствуваа како дома. Прекрасен настап, певлива песна, лесна за паметење имаше Виктори како и неколкуте дуети, а песните на Биба Додева и Денис Мурат не вратија назад во времето и наликуваа на евергрин.

Оваа година имаше многу гости, познати и реномирани имиња од балканот кои за прв пат имаа можност да пеат на својот мајчин јазик со цел сето тоа да биде олеснителна околност. Оваа новина наиде на отпор бидејќи некои ја осудија поради традицијата или тешкото приспособување на промените.

Сега кога “Готово е”, како што вели Тамара, која со својот настап и песна од хитмејкерот Роберт Билбилов и прекрасниот текст на Игор Џамбазов кој никого не остави рамнодушен,
само за неколку гласа разлика, остана второпласирана, можеме да чекаме додека да дојде нов “Макфест”, за одново да го почувствуваме ритамот и да раскажеме уште една, но поинаква приказна досега.

Ексклузивно за Музика24 од Штип: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: