Музика на кирилица

Промоција на првиот самостоен албум на Горан Таневски на „Олабај на Фестивал музика од светот“

Синоќа, 23.11.2023 година, во Малата сала во Центар за култура во Битола, се одржа промоција на првиот самостоен албум на Горан Таневски, под името „Асценд“ (Вознес). Промоцијата беше комбинација од прикажување на видео спотови, надополнета со вокална интерпретација во живо на одредени композиции и сето тоа испреплатено со муабетче. Промотор беше Илија Талев – Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ од Битола

Илија Талев за Горан Таневски и неговата уметност:

„Горан Таневски го промовираше неговиот, верувале или не, прв самостоен албум (прв од трите предвидени, со што како трилогија ќе се заокружи целиот процес). На него ќе има девет композиции: „Сонце“, „Среќен ден“, „Среќен сум дури и без себе“, „Перун“, „Ascend”, Essence Voyage”, My Way”, Wicked Rain“ и „Wish A Man“. Албумот е во соработка со Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ од Битола. Организацијата на самата промоција беше во организација на „АртАкт“ од Битола (главни виновници зад повеќето „off“ програми на различни културни настани под името „Олабај“), со посредство на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ од Битола. Презентацијата беше во форма на видео спотови, надополнета со вокална интерпретација во живо на одредени композиции. Сите видео спотови се дело на Мијалче Ставрев (Криминал Рекордс, Штип), освен видео спотот за песната „Асценд“, изработено од Светислав Подлешанов (Битола).

Без сомнение Горан Таневски е една од најмаркантните личности на македонската музичка рок сцена. Неговата мистична појава и харизматичност, надополнета со неговиот изразито длабок вонземски вокал, придонесоа Горан Таневски да стане еден од стожерите на македонската модерна алтернативна музика. Во својата музика комбинира класичен готик-рок проткаен низ македонското музичко наследство, византиската музика и православно црковно пеење на уникатен начин, што го прави оригинален и препознатлив, додека литургиските вокални манири совршено се вклопуваат во неговото музичко изразување.

Како составен и неодвоив дел од неговата матична група Мизар, учествува во создавањето на нивниот прв албум, едноставно наречен „Мизар“, во 1988 година, воедно и прв албум воопшто снимен на македонски јазик. Своето учество го комплетира во создавањето на уште два албуми на групата: „Свјат Dreams“ (1991) и „Поглед кон цветната градина“ (2007). Со тоа дава особен придонес во самата група, создавајќи многу значаен документ за своето музичко постоење на овие простори. Албумите во кои тој зема учество, денес имаат култен статус во сите поранешни југословенски земји, додека самата група како пионери на дарквејв музиката во СФРЈ, значително влијаеше на развојот на музиката и звукот на многу други групи.

Групата Мизар се издвои на тогашната југословенска рок-сцена бидејќи пееше на македонски јазик и ја комбинираше византиската музика со христијанското црковно пеење. Тој амалгам беше многу важен. Особено пеењето на мајчиниот јазик. Тоа беше нивниот спецификум. Да беше поинаку, тие би ја изгубиле таа автентичност. Пред нив ретко кој успеал македонскиот јазик да го стави во изградба на самата песна, да го зачини со традиција и фолклор и да звучи моќно и разбирливо за луѓето чиј мајчин јазик не е македонскиот. Византиската музика и христијанското пеење нè опкружуваат со векови, во климата, во гените и тие вешто го вметнуваат во покласичната структура на поп песната. Токму тие чудни вибрации создаваат некоја прекрасна мистична форма. Дотогаш невидена и нечуена на овие простори. Јавајќи на бранот на тогашните светски рок трендови, овој факт успева да ја обезбеди популарноста на Мизар, заедно со растечката харизма на Горан Таневски. Во тој момент, Мизар можеше да ја дели сцената со било која светски позната група, без воопшто да бидат инфериорни.

          Во 1991 година ја напушта групата, за да се посвети на организирање на настани од културата како: изложби, промоции, концерти и слично. Од поважните настани би ги издвоиле: музичкиот фестивал „Strip & Sound“, промоцијата на првиот албум „И по Тито – Техно“, на култната битолска група Xavier Acid итн. Од денешна временска дистанца како најголема пикантерија можеме да го сметаме тоа што токму Горан Таневски како концертен промотор за прв пат ја доведува словенечката група Laibach во Македонија. Така, после 30 години тие заедно ќе ја делат сцената на фестивалот „Музика на светот“ во Битола, која отсекогаш се сметала за престолнина на македонската алтернативна сцена, во секоја смисла на зборот. Овој фестивал тоа и го докажува. Од друга страна, токму Битола е градот во кој е формирана групата Мизар во далечната 1984 година. Со тоа слоганот на овогодинешниот фестивал: „Една сцена, звук на светот“, добива вистинско значење.

После промоцијата на албумот во Битола, следат промоции во уште неколку градови во државата (на 1.12.2023 во Прилеп, потоа неколку промоции во Скопје итн.), Потоа следат промоции во Србија, Хрватска (14.12.2023) и Словенија (15.12.2023). Албумот ќе биде достапен на сите поголеми музички платформи за преслушување и симнување во издание на Менарт од Хрватска. Потоа ќе следи цд и винилно издание.“

Промоцијата беше дел  од  програмата на „Олабај на Фестивал музика од светот“ во рамките на проектот „Олабај“, на АРТАКТ Битола, чија цел е надополнување на фестивалските програми на дел од меѓународните фестивали во Битола и е поддржан од Министерство за култура на РСМ.

Можеби ќе ве интересира: