Со лоша завршница и крајно скандалозно однесување спрема новинарите од страна на ангажираната агенција за организација на “Тиквешки Гроздобер” – Иноватива од Скопје чии сопственици се познатиот музичар Слаткар и неговата сопруга маникенката Сања Николиќ, ќе го запаметиме годинешниов Гроздобер.

И иако се започна совршено и преговорите со ПР службата на Општина Кавадарци се одвиваа во најдобар ред додека ги договаравме акредитациите и сместувањето, сепак, крајот беше скандалозен со кавги и здружено демостративно негодување од страна на седмата сила кон претставниците од Иноватива кои беа во улога на “гонител на робови” околу бината и воопшто не ни дозволуваа да си ја вршиме својата работа за што сме и всушност акредитирани и заминати во Кавадарци. Нашите фоторепортери и екипи не можеа да направат ниту една квалитетна фотографија или пак видео. На нашето реагирање кај ПР тимот од Општината добивме само изговор дека тоа се правила што ги наметнува агенцијата задолжена за организација на Гроздоберот – Иноватива, односно, тие не дозволуваат новинарите да имаат пристап пред бината затоа што наводно сме сметале!?
Крајно непријатно и омаловажено се чувствуваа сите колеги затоа што во најмала рака не третираа како потенцијални терористи, па обезбедувањето не запираше од сите страни не дозволувајќи ни да го фотографираме ни излегувањето на ѕвездата на вечерта – Лепа Брена. А бевме сериозно одалечени од бината.
Досега сме присуствувале на безброј манифестации од ваков тип, концерти и каде се не, но никаде вака лошо не сме се почувствувале како во неделата во Кавадарци, каде бевме акредитирани новинари по сите правила и прописи. Во оваа прилика ќе нагласиме дека новинарот на вакви манифестации не оди за да појадува во хотел, или да прави прошетка, туку за да има материјал од настанот, фотографии и видеа и да известува и на крајот да добие изјави од учесниците кои и да се, што овој пат на Гроздоберот ниту во една вечер тоа не се случи.

И не ни е јасно, сите овие агенции што се ангажирани од страна на општините и на кои им се префрлаат грдни народни пари, дали се во служба на својот народ или само на пејачите од Србија, односно, во функција на билдање на нивното его па им угодуваат на сите хирови. Јавно прашуваме, како може и до кога пејачите што доаѓаат од соседството да не даваат изјава за македонскиге новинари?!? Тоа е апсолутно непочитување на Македонија како држава и претставниците на седмата сила.
Ни појаснува девојката од ПР службата како Брена не сакала да чуе за изјави и фотографирање, па се прашуваме дали е Брена таа која поставува услови или од Општина Кавадарци кога ги договараат деталите околу силните хонорари и нивната исплата па не се сетиле да и напоменат на големата Дива дека има обврска да даде изјави за новинарите (дас ги испочитува), да се фотографира и одговара на нивните прашања! Ех Македонче, се додека дозволуваш секој странец што ќе дојде на гости да ти поставува услови се до тогаш ќе тапкаш во место или ќе се уназадуваш.
Но да се вратиме на скандалозната вечер, односно на третманот што го доживеаа новинарите позади бината. Кога пристигнавме таму веќе беше колешката од КТВ која разочарано ни призна дека не очекувала ваков третман на новинарите во својот град и дека срамно е да не третираат како штетници.

Друга колешка се обидуваше да најде колку што може добра позиција за фотографирање позади бината, но поради бруталното однесување на дечкото со брада од Иноватива за кој подоцна се испостави дека бил дел од сценските работници истата ќе паднеше во фонтаната со вода па сето тоа ја прелеа чашата за да започне бучна кавга позади сцената додека Дарко Лазиќ го одржуваше својот концерт. На прашањето дали ние треба да му го снимаме задникот на Лазиќ за да го објавиме на нашиот портал ни беше речено дека имаме право на три минути пред бина да фотографираме или снимаме, а кога им кажавме дека полицијата не не пушта ни секунда пред бина тогаш тие одлучија да ни дозволат дури две ипол минути за да застанеме пред подиумот и да си ја работиме својата работа. Таквиот третман само ни потврди колку кај нас се дискредитира улогата на новинарот и колку не е почитуван тој што е во служба на манифестацијата и нејзиниот добар глас. Затоа не е целата поента во силното и платено обезбедување кое наводно треба да воспостави ред, туку во пренесениот впечаток од манифестацијата која се прави за општо народно расположение и доживување. Така да сите убави впечатоци кои што изминатата вечер ги доживеавме на Гроздоберот паднаа во вода.

За да е иронијата уште поголема, пред да пристигнеме позади сцената случајно наидовме на Градоначалникот Г-нот Митко Јанчев кој е еден од најуспешните градоначалници во Македонија. За неговата способност надалеку се знае, а од Кавадарци направи вистинска метропола – Ел Дорадо, па срдечно му се јавивме за лично да му честитаме на успешната манифестација која опфаќа многу настани во склоб на тридневното одржување. Неговата љубезност дополнително не охрабри и го замоливме да се фортографира со седмата сила, а тој нашето присуство го искористи за да го пофали ангажманот на полицијата која трите дена неуморно се грижеше за јавниот ред и мир притоа недозволувајќи да се случат инциденти. И веднаш после тоа нас ни се случува хаос позади бината па наместо да го пофалиме безпрекорниот пречек од Градоначалникот на останатите колеги новинари, ние се најдовме во непријатна ситуација и се боревме со обезбедувањето за да фатиме кадар од Дарко Лазиќ или Лепа Брена. После такво искуство секако дека концертниот настап од Брена не ни беше во фокус, иако таа и овој пат беше доминантна ѕвезда на сцената која со својата појава и енергија фасцинира и во седмата деценија од животот. Но речиси цел концерт ни помина во објаснување и кавга со луѓето од Иноватива и нивните соработници, и обезбедувањето од Кавадарци “Алијанс” кои исто така беа исклучително нељубезни. Ваквата слика до некаде и ни го промени мислењето за кавадарчани дека се весели и љубезен народ, но можеби имавме само таква “среќа”?!?

Некаде кон крајот на концертот на Лепа Брена добивме и официјално извинување од еден од претставниците на Иноватива, Дарко Манасијевски – Желе кој се обиде да ја амортизира веќе напнатата атмосфера, но, неговото извинување нам како новинари апсолутно ништо не ни значеше затоа што штетата веќе беше направена, а концертот пред самиот крај. Така да наместо да пишуваме за хронлогијата на убавите настани кои навистина ги имаше во голем број на оваа манифестација, почнувајќи од преубавото карневалско дефиле што се случуваше во саботата низ центарот на Кавадарци, фантастичните концерти на Харис Џиновиќ кој звучеше подобро од плоча, Халид Бешлиќ најљубезната музичка ѕвезда на вечерта, Мартија Станојковиќ… ние сме “принудени” да пишуваме за едно горчливо искуство кое не верувавме дека ќе ни се случи токму во Кавадарци.


После сето ова само едно ќе кажеме, Иноватива – паднавте на испитот и му направивте повеќе штета на Градоначалникот Јанчев од колку што му бевте од корист. Во иднина пред се научете како да се однесувате со претставниците на медиумите, како да им обезбедите место пред бината за да ја вршат својата работа, да им обезбедите изјави од ѕвездите кои што ги носите бидејќи тоа е Ваша задача, и да престанете да правите селекција на медиуми – пожелни и непожелни новинари.