Музика на кирилица

Со концерт на Каролина Гочева официјално отворена манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата”

Публиката што ја исполни салата на Национална установа Центар за култура Крива Паланка синоќа уживаше и во еден глас пееше со популарната македонска музичка дива, Каролина Гочева, на концертот со кој и официјално беше отворена програмата на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата”.

„Силни импресии на публиката од извонредниот настап на македонската музичка дива, неповторливата, една и единствена, Каролина Гочева. Салата во НУ Центар за култура ечеше, во еден глас се пееја песните од албумите “Македонско девојче” и “Извор” на композиторот и продуцент Никола Мицевски, кој со својот бенд ја придружуваше Каролина. Сите генерации уживаа во интерпретацијата на: “Сакам да не те сакам”, “Ако згрешам нека изгорам”, “Две златни лири”, “Пролет, лето, есен, зима”, “Ѕвона”, “Бели цветови”, “Да е сон” и многу други. Концертот е вистински музички подарок и полн погодок за официјално отворање на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата”, напиша градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски на својот Фејсбук профил.

Гочева рече дека прв пат се претставува пред кривопаланчани, а искуството и реакцијата на публиката ги оцени како одлични.

„Вечерва си поминавме многу убаво. Мислам дека после оваа вечер ќе зачестат нашите средби. Мислам и дека убаво го претставивме проектот “Македонско девојче”, иако е проект кој веќе трае долго време. Сме го свиреле и во многу градови, но еве дури сега му беше моментот да дојде во Крива Паланка и мислам дека сите поминавме убаво, и публиката и ние, со сигурност уживавме”, рече Гочева.

Таа и честиташе на Крива Паланка што е носител на титулата “Град на културата за 2024”, истакнувајќи дека културата ја прават луѓето, нивната желба да видат нешто убаво, да слушнат добра музика, да видат добра претстава, така што, рече, големината на градот нема апсолутнo никаква врска со тоа дали тој треба да биде Град на култура.

„Јас верувам дека Крива Паланка го заслужува и дека ќе се обиде и понатака да го заслужува тој епитет. Се надевам дека и кампањата за купување концертен клавир за градот брзо ќе биде успешно завршена и дека ќе се соберат средствата кои што се потребни за да се набави тој инструмент. Знам и дека средствата од нашиот концерт беа наменети за купување на тој концертен клавир, така што се надевам дека што поскоро ќе се реализира таа кампања”, рече таа.

Композиторот и продуцент, Никола Мицевски рече дека буквално сите песни некако си најдоа пат до публиката.

„Тоа за мене како автор, меѓутоа и за Каролина како изведувач, за целиот овој тим е најголема награда. Реакцијата на публиката и на овој материјал, иако досега е претставен на преку 100-тина концерти изминативе години, сепак покажа дека материјалот сѐ уште живее. Вечерва имавме супер реакција на публиката, среќни сме и се надевам дека и во иднина можеби нешто вакво ќе направиме. Градот како град на културата ги обврзува сите граѓани и нивна задача е да се грижат што повеќе за културата, да имаме што повеќе културни манифестации, многу македонска музика, затоа што сепак тоа си е наше и треба да си го негуваме, било да е тоа традиционална, било да е поп музика или каков било жанр, македонско си е македонско, секому треба да му е на прво место македонската музика”, рече Мицевски.

Програмата „Крива Паланка – Град на културата” за месецов ќе биде заокружена со денешната традиционална манифестација „Невестинско поклонение на свети Теодор Тирон” во село Конопница, со почеток во 13 часот.

Можеби ќе ве интересира: