Музика на кирилица

Со промоција на најновиот студиски албум и неколку видеоспотови, Калиопи го започна одбележувањето на 40 годишната музичка кариера (Фото+Видео)

Вчера точно напладне во познатиот скопски ресторан „Воденица – Мулино“, македонската поп дива Калиопи пред голем број пријатели, колеги, соработници, новинари, обожаватели и нејзини поддржувачи го промовираше своето најново музичко парче, едноставно наречено „Албум“.

Како што и самата кажа, овој музички проект е посветен на 40-годишнината од нејзината соработка со Ромео Грил, автор на нејзините најголеми хитови, а некогашен сопруг и татко на нивниот син Пако.

И покрај тоа што тие се разведени, Калиопи и Ромео одлично соработуваат сите овие години. Ромео присуствуваше на денешната голема гала промоција, бидејќи во неговото студио во Базел, Швајцарија, каде што живее, се созадени и снимени повеќето од песните што се најдоа на новиот носач на звук. Дел се овековечени во студиото „Абракадарбра“на Бранко Попчевски во Скопје. Миксот и мастерингот се направени во „Кроација рекордс“ и во студиото на Филип Видовиќ во Загреб.

На промоцијата беа премиерно пуштени видета за четири песни од албумот „Калиопи“: „Ела“, чија видео приказна е снимена неодамна во Охрид, „Казна“, песна снимена во соработка со Слаткаристика, кои се на македонски јазик, и на нумерите „Зашто“ и „Дај ми комад душе“, на српски јазик. Истовремено овие мелодии, можеа да се слушнат насекаде во регионот и пошироко, бидејќи беа споделени на официјалниот музички канал на нашата поп дива.

Ромео е автор на скоро сите песни, тој ги потпишува и музиката и текстот, аранжманите, а свири и на бас гитара, на клавијатури, програмира…. Спотовите ги продуцираше студиото „Мелем“, а режијата е на Огнен Шапковски.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот, предвидени се два големи концерти на Калиопи пред македонската публика. Првиот е во Битола на 20-ти јули, во амфитеатарот на Херкалеа, а вториот во Скопје во салата „Борис Трајковски“ на 19-ти октомври.

По неколку години пауза, Калиопи првпат запеа пред скопјани во април, на концертот на Жељко Самарџиќ во салата „Борис Трајковски“, каде заедно ја испеаа песната „Знам“, што исто така се најде на новиот албум, како и нејзиниот најголем хит „Роѓени“ (Бато), и двете ги потпишува Ромео Грил. Тој е автор и на песните со кои израснаа неколку генерации: „Лео“, „Да море зна“, „Ако денот ми е ноќ“, „Црно и бело“, „Дона“, „Кофер љубави“, „Обои ме“, „Мелем“, „Вучица“…

Како што дознава музичкиот портал Музика24, наскоро се планира и веќе е во подготовка и српската верзија на албумот.

Можеби ќе ве интересира: