Неодамна во Куманово за време на Кумановското културно лето имавме можност да се видиме и поразговараме со младиот пејач и јутубер Марио Арангеловски, кој моментално ја извршува функцијата вд. директор на Фондацијата за култура и спорт во Куманово. Интервјуто со Марио можете до го прочитате во делот за Интервјуа.
За време на разговорот со екипата на Музика24 ова младо момче откри дека има голема желба и дека сака да сними дует со познатата македонска фолк пејачка Сузана Гавазова, при тоа споменувајќи ја мега популарната хит песна “Бум, Бум”, која што би сакал заедно со Гавазова да ја преработат на еден сосема поинаков начин.
Сакајќи да помогнеме да се реализира целата оваа идеја, и овој голем македонски мега хит да се слушне на сосема нов и поразличен начин, телефонски исконтактиравме со фолк пејачката Сузана Гавазова која што пак за целата оваа идеја го изјави следното:
“Јас многу го почитувам Марио. Преговаравме да, но не се реализираше ништо од тоа, бидејќи јас сум многу зафатена, а претпоставувам и тој. Треба едноставно да се видиме и да решиме дали ќе ја преработиме “Бум, Бум” или можеби за некоја друга песна и ќе правиме дует, песна што може и на двајцата да ни одговара. Бидејќи сега сум малку послободна, јас сум во план да снимам нови песни, односно, да издадам нов албум како што тоа го прават нашите колеги пејачи во соседна Србија. Не песна по песна, туку одеднаш цел албум, па можно е на тој албум да се најде и тој дует, бидејќи јас и немам досега во мојата музичка кариера многу дуети снимено. Би било интересно. Тој е млад, убав, згоден… и убаво пее, нели. Може да се случи дует со Марио само треба да се видиме, да се организираме и детално договориме и на сето тоа да почнат да работат нашите композитори и тимови. Сигурно ќе биде нешто, сакам да биде и така одамна и двајцата немаме ништо ново снимено. Пречувствувам дека тоа ќе биде одлична комбинација. Ќе ми биде и мене мило доколку се подготви и сними таков дует со Марио”, изјави Сузана Гавазова за музичкиот портал Музика24.
Секоја нова идеја за реализација и снимање на нов проект или преработка на веќе позната македонска песна ние од музичкиот портал Музика24 со задоволство го подржуваме и иницираме што поскоро да се случи и реализира. Се надеваме и веруваме дека до почетокот на следната 2024-та година ќе имаме можност да ја слушнеме новата преработка, новата верзија на “Бум, Бум” или некоја исто подеднакво позната и убава песна од фолк пејачката Сузана Гавазова и Марио.