Музика на кирилица

Тијана Периќ – ново музичко име на македонската музичка сцена (Фото+Видео)

Има завршено нижо и средно музичко училиште, а во моментот таа е трета година на музичката академија во Скопје. Симпатична и слатка… тоа е Тијана Периќ, новото музичко име на македонската музича сцена.

Изминатиот викенд беше дел од 38-то издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во Штип каде во живо ја отпеа одличната и певлива „Бумеранг“. Како што и самата таа вели, ова е нејзино прво претставување пред македонската публика и прво нејзино фестивалско искуство.

Инаку, таа настапи со впечатливата креација во црвена боја на модната креаторка Ива Спасовска и со прекрасниот настап во придружба на танчерите од „Aqua Dance“ каде ги освои симпатиите и на публиката во салата и на жирито и беше меѓу петте најдобри од првата фестивалска вечер. Ја имаше честа да ја отвори ревијалната вечер и да настапи заедно со многу наши познати музички ѕвезди.

„Да се појавам на макфестовската сцена за мене беше остварување на една од многуте музички желби и цели, затоа што тоа е сцена на која што настапиле најголемите македонски sвезди и настанале безброј македонски безвременски хитови. Мојот настап оваа година беше сосем спонтан, но мислам дека сето тоа го направи уште поинтересно целото мое искуство и ќе ми остане засекогаш врежано во мене. Покрај што настапив првата вечер, поминав во оние пет кои настапуваат и на ревијалната вечер и тоа беше навистина голема среќа затоа што бев одбрана од прекрасно жири и навистина ми беше чест, а уште поголема чест ми беше што бев прва и ја отворив ревијалната вечер и ја делев таа вечер сцената со веќе многуте познати музички имиња. Задоволна сум од својот настап во целина затоа што имав прекрасен тим позади мене кои помогнаа песната да звучи модерно и како што многумина луѓе кажаа “да не излезе од глава”, а воедно и сценски настап кој ќе се издвои и ќе биде претпознатлив и запаметен сам по себе. Песната “Бумеранг” ја напиша Ефтимија Јованова, а во тимот на обработка учествуваа и Јован и Иван Јованови. Александар Ристовски – Принц се погрижи за спотот, а пак на сцената на „Макфест“ ме придружуваа танчери од „Aqua Dance“. За изгледот да биде онаков каков што беше и да биде црешичка на шлагот се погрижи Ива Спасовска за креацијата и студио “Диор” во Штип за шминката и фризурата. И секако, можам со сигурност да кажам дека повторно ќе ме видите на „Макфест“, вели Тијана за музичкиот портал Музика24.мк.

Тијана зад себе веќе има две балади , „Писмо“ и „Сонувам“, а се подготвува и за снимање на видео запис за нејзината следна песна која ја најавува за почетокот на месец декември.

Во продолжение, со задоволсто ви предлагаме да го погледнете видео записот за макфестовската “Бумеранг”.

Можеби ќе ве интересира: