Музика на кирилица

Тоше Проески… Со песната и љубовта го освои светот!

На денешен ден се роди Тодор Тоше Проески… “Сите ве Сакам”! Емотивна силна реченица, излеана длабоко од душата, со неговиот мелодичен глас, низ сончевата анѓелска насмевка, со кренати раце кон сонцето, за зраците да ги дограби и расее по целиор свет. Изворна големина од љубов, не плени со неговата љубезност, појава и глас. Љубов која ги освои сите генерации од сите мердијани. Пееше во негов стил, во занес… ние сме парче од Европа, сите исти. Во Македонија немаше човек, кој не го сакаше. А децата само што прoзбореле и заоделe, ги пееја песните за Тоше, ги носеа неговите слики… Со песната ангелска, со насмевката сончева ја освојуваше Македонија. А светот му ги отвори границите на Тоше – светлото сонце македонско… Пееше со восхит на македонски јазик, пееше на јазиците во земјите каде гостуваше. Македонија и светот го засакаа како божји син.

Македонија и светот, се обвија во болка и тага од потресниот трагичен настан , во зорите на 16-ти октомври, кога мистериозно заврши неговиот млад живот. Македонија заплака, а низ целиот свет потекоа потоци од солзи. Младите, ученици станаа поети, пишуваа стихови, пораки… Во сите земји си палеа свеќи за Тоше! Прв пат тоа го забележаа медиумите. Светот се запраша и зачуди, од сенародната болка, многу народи тагуваа и зажалија за неговата смрт, а Македонија најмногу тагуваше, цел народ солзи пророна. Крушево со денови беше претесно да ги пробере сите кои сакаа да му оддадат почит. Течеа реки на народ од Македонија, Балканот, Европа и светот. Љубовта што ја прати кон светот, светот му ја врати на свој начин. На ехото ВЕ САКАМ СИТЕ, по неговата смрт, ехото беше со нова содржина “ТОШЕ СИТЕ ТЕ САКАМЕ”.

Неговите музички успеси го поведе низ светот, беше се подалеку од Македонија и Крушево, затоа во своите бележници забележа:

“Ретко бев во моето мило Крушево, крај црешата, под буките, под планината, крај езерото, ливадите и полјаните и на височините од манатирот “Св. Преображдение”. Затоа Крушево се повеќе го носев во душава и ми беше помило НА СРЦЕТО. И кога пишувам и пеам, Крушево ме грее како сонце и ме буди со сите мои незаборавни спомени. Како омилен цвет планински-гороцвет! Како нешто свето и блиско.Светот ми е мил и убав како расцветан цвет. А Македонија и Крушево ми се помили од целиот свет”, запишал самиот Тоше на некое парче хартија, а пота го вградил во душата. Таа љубов кон Крушево и Македонија, заедно со песната го воздигна до ѕвезденото небо на музиката…

Песната од калемот и мелемот на македонскиот мелос, од македонската народна песна му беше секојдневниот омилен сопатник, му беше се на светот и го посвети целиот свој живот. Со песната патуваше, раснеше, се гордееше и возвишуваше. Таа му беше и сила и му даваше крила да полета на сите страни од светот, таа му беше опој на душата. Со песната беше најсилен, ја надоплунаваше со својот дух, со свои зборови, со свои бранување на гласот, на тонот му даваше свој печат, белег, свое видување. Беше оргинален, недостижен со песната и гласот кои се разлеваа како свеж процут за публиката, за љубителите на песната. Песната беше негов непресушен извор, вруток на енергија и сила, на насмевка опојна за целата публика. Таа бликаше во душата со чудна магија и со волшебен глас.

Тој прерасна со песната во музичка македонска и светска ѕвезда. Со песната легнуваше, заспиваше и сонуваше, со неа се будеше и патуваше. Песната со неговиот ангелски глас го поведе од Крушево низ светот, од успех во успех, од победа во победа. Да се издигне до пеачка ѕвезда на македонското музичко небо. И да го огрее Балканот и Европа. А светот да се поклони на неговите песни… Александра  Македонски најголемиот војсководец не успеа да го освои светот, но Тоше Проески со песната и љубовта го освои светот.

Почивај во мир ангелу наш македонски!

Подготви: Ивана Поповска

Можеби ќе ве интересира: