Музика на кирилица

Три девојки од Босна совршено ја отпејаа македонската народна песна “Море сокол пие” (Видео)

Како и секогаш, така и овој пат се она што е добро и квалитетно, се она што се однесува на македонската музика, ние како единствен музички портал во Македонија се трудиме и веруваме успешно ви го пренесуваме она што е најдобро преку промовирање на најдоброто од македонската музичка традиција.

Како што пишува порталот Fashionel.mk, три девојки од Босна ја отпејаа македонската народна песна “Море сокол пие”, кои со својата одлична и едноставна изведба ќе ве остави без зборови. Тие се три прекрасни дами, три прекрасни девојки кои со своите магични гласови едноставно ве опиваат и песната морате да ја слушнете пак, и пак, и пак… и тоа така ќе се повторува се додека не ви здосади, а верувајте тоа нема да се случи.

https://www.facebook.com/medina.turkovic/videos/10219335617754621/

Fashionel.mk стапи во контакт со трите девојки, Медина Турковиќ, Селма Дроце и Шејла Гргиќ кој што изненадено велат дека не очекувале нивното ќе предизвика вака големо внимание.

“Сите три сме академски образовани музичарки, завршивме Музичка академија во Сараево. Ова видео се случи на пријателска основа, од спонтана дружба. Сите три сме пријателки и сите се занимаваме со музика, но не заедно. Со оглед на оваа ситуација во целиот свет, сите сме во своите домови, па сакавме да снимиме нешто за изолацијата полесно да ја поднесеме”, вели Медина.

Како што и самите велат “Море сокол пие” е нивната омилена песна и поради тоа токму таа била нивниот избор и покрај тоа што никогаш не биле во Македонија ниту пак имале било каков близок контакт со македонскиот народ.

“Имав среќа да растам во семејство на музичари. Мојот татко со својот бенд свиреше често македонска музика, но и генерално, музика која припаѓа на балканскиот фолклор. Така, уште од дете бев запознаена со тој звук”, открива Селма.

И тие како и сите ние изолацијата и се она што токму сега ни се случува ја дочекале неподготвени и од еден начин на живот преминале и се навикнуваат на новиот, надевајќи се дека што побргу сето ова ќе заврши. Но и покрај се, одлично се организираат, редовно ги вршат своите обврски, го чуваат семејството и себе си и секако ја негуваат музиката.

Шејла Гргиќ е член на познатата босанска група “Диванхана”, но вели, уште од студентските денови овие три пријателки имале желба да направат нешто заедно.

“Сакавме да снимиме нешто, но од чиста љубов кон она што го правиме – музиката, пеењето и затоа и не очекувавме дека овој видео ќе предизвика некаква реакција, но ете, се случи неочекувано. Не планиравме да има други видеа, но не е исклучено. Можеби сепак и ќе повториме”, вели Гргиќ и додава:

“Како професионални и образовани музичари, имаме тенденција и потреба да ја истражиме сета музика на светот, па така и нашата Балканска. Уште на музичка академија, да кажам, студиозно и сериозно ја проучувавме традиционалната музика на сите народи од нашето поднебје, па така ни македонската не беше исклучок. Сите ја сакаат македонската музика и сакаат да се фатат во “коштец” со неа, бидејќи за секој сериозен музичар таа претставува предизвик, пред се, поради својата богата ритмика и динамика”, објаснува Шејла.

За речиси неполн ден од објавувањето на нивното видео, истото е споделено повеќе од 4.000 илјади пати. Искрено се радуваме кога ќе прочитаме и погледнеме како странци од други балкански или европски земји ги пејат и препејуваат нашите познати македонски народни песни.

Текстот е напишан врз основа на авторскиот текст на новинарката: Јулија Илијевска, Fashionel.mk

Можеби ќе ве интересира: