Музика на кирилица

Виктор Апостоловски: Имам проблем со недовербата кај жените, а кога сум во врска не гледам на страна (Видео)

Кога во февруари ја испеа „Супермен” на домашниот избор за Евросонг, на Виктор Апостоловски му се случува истата приказна како во времето кога пееше во „Идол”. Добива пораки од обожавателки, го застануваат на улица за да се фотографираат, родители му испраќаат видеа од нивните деца кои пеат и играат на песната со која не успеа да стигне до Евросонг. Виктор повторно преку ноќ стана популарен.

„Пред некој ден си го земав пасошот и уште не влезен, вработените во МВР ми рекоа: Еееееј, многу ми е криво што не победи. Луѓето ме паметат од времето на „Идол”, а сега почнаа да ми пишуваат и луѓе што не сум ги видел 20 години. Има и непристојни пораки од луѓе што не ги знам, и од машки и женски. Без влакна на јазикот се, па кога ќе прочитам нешто, се фаќам за главата и се прашувам од каде им толкава храброст што си дозволуваат да пишуваат сè”, рече Виктор за „Репортер”. Иако долго живееше во Скопје, сега пак е во Битола за да отвори свое музичко студио. Ни раскажа за детството во Баир Маало, најозлогласената населба во Битола.

„Во маалото од дете научив многу животни лекции. Не дека не сакав да живеам во некои поубави услови, ама поубави услови прават слаби луѓе, а јас таму научив да не се откажувам”, вели Виктор.

Додека пиевме кафе, Виктор ни раскажа за измислениот лик Роки, кој го користеше како псевдоним среде карантин, а со откачените видеа што ги снимаше ги забавуваше фановите. Вели, реакциите биле супер и ова се покажало како добра забава. Не сака да открива многу за приватниот живот оти тоа многупати му се удрило од глава.

„Луѓето се водат од предрасуди, па кога си пејач, ти си автоматски пијаница, наркоман, женкар. А јас кога сум во врска, не гледам ништо на страна. Само љубомората е страшна работа. На почетокот сите се супер, интересно им е што си јавна личност, ама после почнуваат другите муабети, недовербата, коментари од типот – ете, одиш во Скопје, којзнае што правиш таму”, искрен е Виктор.

Меѓу сите муабети за „Идол”, семејството и за детството во Битола, Виктор нè однесе на гости кај композиторот Владимир Дојчиновски. Заедно ја напишаа „Супермен”. Среќни се што песната е хит, ама признаа дека им е криво што не отидоа на Евровизија. За приватниот живот на Виктор, од вреќите вар до Евросонг, за соработката со американските хип-хоп музичари, како звучи Бруно Марс во негова изведба… погледајте го видеото во продолжени:

Можеби ќе ве интересира: