На кафе со… Игор Шарески

Во едно од новогодишните утра нашата екипа беше почестена од кафе со еден од нашите поп изведувачи на македонската музичка сцена, Игор Шарески. Тој е млад, досега докажан со неколку хитови зад себе. Со него поразговаравме за утринското започнување на денот, секојдневните обврски и секако за конзумирањето на кафето.

Музика24: Кажи ни како се чувствуваш наутро откако ќе се разбудиш, на што прво помислуваш?

Игор: Обично денот ми започнува со доручек, или со некој освежителен пијалок (вода или цеден портокал), а кафето го оставам за некаде по 11 часот наутро, за изговор да се видам со пријателите. Инаку, секогаш кога обврските ми дозволуваат, сакам малку да поспијам!

Музика24: Дали си зависник од утринско кафе? Дали и колку тоа ти помага да се расониш, поспремен да го започнеш денот и со поголема леснотија да ги извршуваш своите обврски?

Игор: Не сум некој голем зависник од кафе , иако понекогаш  и на тој начин знае денот да ми започне ! Во принцип, ми треба добар сон за да функционирам, па кафето не ми игра голема улога во цела таа ситуација.

Музика24: Дали практикуваш и дома да се напиеш кафе сам, зошто си имал потреба или тоа го правиш исклучиво во друштво на твоите пријатели? Какво кафе преферираш?

Игор: Се случува понекогаш да се напијам сам , но секогаш е поубаво кога се пие во друштво. На тој начин е многу позабавно, а како човек сум дружељубив, па затоа го избирам второто. Обично пијам макијато или нес кафе.

Музика24: Колку често одиш на кафе? Какви се муабети паѓаат додека си на кафе со пријателите, за што најчесто зборувате и дали кафето понекогаш е само изговор за со некој да се видиш?

Игор: Во принцип секогаш кога обврските ми го дозволуваат тоа! Не премногу често, но за викенд секако . Изговор е секако, затоа што дружењето е многу поважно. Инаку муабетите се  стандардни, најчесто како ни поминала неделата, што било најинтересно во неа,  по некој нов виц и многу смеење!

Музика24: Кажи ни нешто повеќе за твоите обврски во текот на денот? До каде си на музички план? Работиш ли нешто во моментот?

Игор: Кога сум во студио, секогаш работам на нови песни или миксам некои песни, кои треба да ги промовирам и тоа е она што ме исполнува , а притоа и ми причинува огромно задоволство. Во музиката барем според мене нема термин “до каде”, него постои само почеток и од тој момент натака па се до крајот, секој уметник создава и твори! Во моментов работам на вториот студиски албум , а нешто најактуелно во моментов за мене е дуетската песна и спотот со една од звездите на Планета Продукција , Магда насловена: “Љубовта е посилна од се”.

Музика24: Поради тоа што многу години си присутен на музичката сцена и прилично добро ги познаваш изведувачите, кажи ни дали во некој/а гледаш посебен потенцијал и со кој/а би сакал да соработуваш?

Игор: Во Македонија постојат многу талентирани  изведувачи со голем потенцијал, но жално е тоа што поради ситуацијата и условите на нашата сцена,  многу од нив излезот го гледаат надвор од нашите граници. А инаку отворен сум за соработка со секој!

Музика24: Бидејќи 2012-та веќе измина, по што ќе ја паметиш и кои се твоите планови за годината што е пред нас?

Игор:  На музички план ке ја паметам по соработката со една од најголемите музички продукции на балканот Планета  Пајнер,  која ми отвара големи врати за големи проекти, ќе има нови песни, спотови итн.

Музика24: За крај што ќе им порачаш на нашите читатели, воедно твои фанови и верна публика? Можеби ќе им откриеш некоја мисла, по која и ти самиот се раководиш? Или предлог за кафе?

Игор: Не се сметам за ѕвезда која има свои фанови, за мене постојат само луѓе на кои што им се допаѓаат песните што ги создавам, и такви кои не мислат така. Би им посакал на сите се најдобро во новата година, многу здравје пред се, срека, љубов и многу неисполнети желби да им се исполнат! Да веруваат во себе и во тоа што го работат, да бидат упорни, истрајни и одлучни, затоа што успехот не доага преку ноќ , туку за тоа треба време!

Подготви: Александра Блажевска

Повеќе на Музика24...