На кафе со..

На кафе со… Роберт Вукелиќ

Надвор времето е прекрасно, а деновиве и ние од Музика24 како и сите останати го искористивме да се видиме на кафе со наши блиски пријатели, познати музички имиња. Еден од нив е и Роберт Вукелиќ, нашиот македонски познат поп пеач кој од неодмана е среќно оженет и живее во Германија и често ја посетува нашата ни мила Македонија. Денес утринското кафе го испивме, а Ви препорачуваме и Вие да го испиете (се разбира доколку тоа веќе не сте го сториле) со нас и со нашиот гостин.

Музика24: Ти благодариме што ја прифати поканата за кафе… Кажи ни како се чувствуваш наутро, на што прво помислуваш откако ќе се разбудиш?

Роберт: Благодарам на гостопримството, иако не сум го пробал сеуште кафето, но сепак мирисот е понекогаш доволен 🙂 дека е домаќински направено, на здравје нека ни е на нас и на нашите читатели. Мислам дека поубава мисла нема од тоа кога ќе се разбудиш со насмевка, а причината е до тебе! Најубаво чувство е тоа, и се заблагодаруваш на Бога што ти дал нов утрински ден, и си здрав и жив… најубаво нешто!

Музика24: Дали си зависник од утринско кафе? Дали и колку тоа ти помага да се расониш, поспремен да го започнеш денот и со поголема леснотија да ги извршуваш своите обврски?

Роберт: Искрено, дека убаво гостопримство ми понудивте затоа и ја прифатив понудата, инаку не сум голем љубител на кафе (се смее). Ако си легнеш со време, ќе се наспиеш како што треба, не ти треба ни кафе, ништо. Само да се насмееш и ќе си погледнеш во убавото небо и сонце и тоа е доволно да се исполниш за новиот ден.

Музика24: Дали практикуваш и дома да се напиеш кафе додека си сам, зошто си имал потреба или тоа го правиш исклучиво во друштво на твоите пријатели? Какво кафе преферираш?

Роберт: Кога кај мене се пие дома кафе, јас обично да не испаднам некултурен дали према мојата сакана или пак мојата фамилија, им правам друштво со топол чај или сок. Дека не пијам кафе, а и да се напијам некогаш (како денес) тоа е многу ретко и може да е еднаш во година, знам нема да верувате, но тоа е 🙂

Музика24: Какви се муабети паѓаат додека си на “кафе” со пријателите, за што најчесто зборувате и дали кафето понекогаш е само изговор за со некој да се видиш?

Роберт: Искрено кафето не ми е ни изговор, ниту пак сум од тој тип на човек да се замарам за други и да времето што не се враќа си го трошам во озборување луѓе, нека си се живи и здрави сите и секој со својата среќа. А кога сакам да излезам со некој од моите блиски другари, сакам да уживам со нив и да ми биде супер и забавно, да си кажеме и споделиме убава мисла, јас само ги гушам со музика и со песни или пак кога сум тука во Македонија, само да одиме на некое езеро по риби ги терам, сакам многу природа.

Музика24: Кажи ни нешто повеќе за твоите обврски во текот на денот? До каде си на музички план? Работиш ли нешто во моментот?

Роберт: Денот искрено секогаш го исполнувам со активности и да ми е убаво: да трчам, да пазарам, да чистам и местам по дома и секако во денот без музика и пеење не може да се замисли 🙂 А што е ново на музички план? Па искрено, јас бев снимил нова песна која ја посветив на мојата сакана “Еден убав ден” и со таа песна започнав еден нов и зрел момент во мојата кариера, дека секогаш треба чекор по чекор, треба време, работа и само работа за да вистина бидеш успешен уметник за да вистина создадеш и оставиш нешто добро треба време. И мислам дека сега имам вистински избор, имам супер продуцент батко Ристо Апостолов – Водолија и веќе е снимена новата песна и во текот на овој месец сакаме да ја промовираме. Му благодарам многу што ми верува во она што го правиме и… времето ќе покаже. Поддршка од луѓе што навистина се музичари и професионалци со кој сум работел се најубав мотив, а малце се реални и вистински уметници, но затоа и ги ценам и најголемо фала за тоа што сум денес е личноста која најмногу ме научи и ми покажа оперската дива Милка Ефтимова, а најубавите пораки кои ги добивам секој ден и вистина ми значат се сите тие што ми ја дале подршката од самиот почеток на мојата кариера и ме следат и до ден денес и ги има во голем број. Им Благодарам многу, ми значи тоа!

Музика24: Поради тоа што добро ги познаваш  изведувачите, кажи ни дали во некој гледаш посебен потенцијал и со кој би сакал да соработуваш?

Роберт: Искрено, да се каже дека сите не ги познавам, има доста нови, а сепак и далечината си го прави своето и не сум во тек за сите случувања и нови појави на мак сцената. Но мило ми е и се радувам и им посакувам успех на новите музички надежи, а секако и на моите стари колеги музичари. Инаку, секој е супер и добар на свој начин во стилот на музиката.

Музика24: Кои се твоите планови и што си посакуваш, да биде следен твој успех? Што се би направил за да успееш во тоа, што си го замислил?

Роберт: Планови немам никогаш, го живеам тоа што е сега и на прво место секогаш ми се здравјето, мирот, љубовта тоа да го имаме е најголем успех, а се друго си доаѓа спонтано, така е најубаво мислам. Како што рекле старите: “Трпение-Спасение”, а тоа што го сакам го имам, мојата фамилија, мојата сакана, блиските, и на прво место љубов – божја слава на Бога.

8. За крај на нашево кратко интервју, што ќе им порачаш на нашите читатели, воедно твои фанови и верна публика? Можеби ќе им откриеш некоја мисла, по која и ти самиот се раководиш?

Роберт: Едноставно и лесно, слушајте го срцето и душата, тоа што тие ќе ви посакаат тоа направете го. Не се срамите да побарате прошка или да се извините ако погрешите, имајте верба, љубов и трпение само со љубов и со добра мисла може да го остварите тоа што го сакате и мислите дека е неостварливо, но тој што не се откажува и чека да добие.

Подготви: Катерина Митровска

Можеби ќе ве интересира: