Реномираното британско музичко списание “Wire”, во својот најнов декемвриски број, објави исклучително позитивна рецензија на деби албумот “Батанија” на Крсте Роџевски. Музичкиот критичар Енди Хамилтон, зборувајќи во суперлативи за композиторските и вокалните способности на Роџевски, притоа не заборавајќи го особениот придонес на останатите музичари во бендот (Мери Халворсон – електрична гитара, Кирк Кнафке – труба, Мајкл Бланко – контрабас и Тома Фуџивара – тапани) го опиша албумот како “интимно”, нежно и приемчиво музичко доживување.
“Роџевски – додава Хамилтон – ги напиша сите песни на албумот на македонски и секоја од нив претставува посебно уживање. Моќен и извонредно допадлив авторски албум”.
Музичкиот првенец на Крсте Роџевски “Батанија”, кој за етикетата Much Prefer Records излезе на 1-ви септември во САД, а својата лајв-промоција ја доживеа неколку дена подоцна во култниот њујоршки клуб “Joe’s Pub”, е снимен во текот на јануари во бруклинското студио Bunker. Во Македонија, албумот беше промовиран на 24-ти септември, придружен со извонредни критики и позитивни реакции од домашната музичка заедница.
Подготви: Редакција на Музика24