Премиера

За песната од „Макфест“ Драгана Јовановска сними спот на Малдиви (Видео)

Младата пејачка Драгана Јовановска дебитираше на последното 38-мо издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Таа пееше во првата вечер на фестивалот, наменета за нови таленти, од каде само пет изведувачи според бројот на гласовите од публиката и жири-комисијата, имаа можност да настапат и на втората, односно ревијална вечер.

Драгана беше една од тие пет изведувачи кои настапија и во вечерта со етаблираните музички имиња од Македонија.

Драгана уште во првата вечер ги освои симпатиите на публиката со нејзината песна „Случајно“, на која како автор на музиката заеднички се потпишува со продуцентот Иле Спасев, додека таа сама го напиша текстот.

„Што да кажам, јас сум презадоволна од моето претставување на „Макфест“. Беше одлично, супер организација, многу убави песни, дружење со младите и повозрасните колеги. Сигурна сум дека ќе учествувам и наредните години на фестивалот“, изјави Драгана.

За потребите на новата песна, Драгана пред еден месец сними и видеоспот и тоа не било каде, туку на една од најпосакуваните светски дестинации за одмор – одличните и секогаш посакувани Малдиви.

„Малдиви беше мојот одмор од соништата, но си реков кога веќе сум таму, пред да заминам организиравме екипа од таму за да го снимиме видеоспотот. Се надевам ќе им се допадне на публиката и ќе ужива во него и во песната“, вели Јовановска.

Како што вели Драгана, таа со својот тим од соработници веќе некое време работат и на други песни, па поради тоа блиска иднина очекувајте уште многу музика од неа.

Можеби ќе ве интересира: