Карантинот како катарза Елена Јовческа ја промовираше својата нова песна “Грешна љубов” (Видео)

Гордата прилепчанка, убавата Елена Јовческа ја потврди тезата дека за да си горд, треба да си вреден па така периодот на изолација максимално го искористи за да и се посвети на музиката и ја создаде својата нова песна “Грешна љубов” која вчера и официјално ја промовираше преку друштвените мрежи и YouTube каналот.

Овој пат Елена се претставува во едно поинакво музичко светло кое го осликува нејзиното созревање, но и животно искуство затоа што таа е комплетен автор на мелодијата, текстот и аранжманот. Песната е во поп-фолк фазон, а пејачката ја изведува со искрена емоција која потврдува дека станува збор за лично доживеана пеиказна. Она што дополнително и даде шарм на оваа песна е секако колажната видео снимка на која се присутни сите музичари што Елена ги одбрала да ја пратат и за кои вели дека се најдобри во својата професија.

Оваа идеја прва ја промовираше Брена кога на Инстаграм запеа во друштво со музичарите од различни краеви на светот, а еве кај нас тоа успешно го представи Јовческа докажувајќи дека кога нешто се сака не постојат ограничувања што може да те спречат.

Песната има многу убава мелодија која освојува на прво слушање, а Елена овој пат гајдата ја замени со сосема други инструменти и инструменталисти. На виолина ја прати познатиот виолинист Илија Филиповски, за челото е задолжена Маја Михајловска, гитарата ја свири Никола Стојановски, на клавијатури ја придружува Марјан Р’тоски, тапаните се доверени на Дарко Аврамовски, а за придружните вокали е задолжена Марија Митровска.

Самата пејачка е особено горда на избраната екипа која како што рече издржала 7 дена со неа во постојана комуникација и договарање преку технкичките опции за на крај да го добијат овој музички производ за кој вели дека ќе и биде најубав карантински спомен. На нашето прашање дали песната е автобиографска и колку може една љубов да е грешна, Елена одговори:

“Секако за да напишеш ваква песна мора да ја проживееш таа емоција и да ја посветиш некому, а за тоа дали има грешни љубови мислам дека нема човек што не згрешил барем еднаш во својот живот и што не се заљубил во погрешна личност”, искрено призна Елена. Бидејќи бевме љубопитни до крај ја прашавме која е таа личност, но овој пат не добивме одговор туку само насмевка…

Кога сфативме дека Јовческа останува дискретна кога љубовта е во прашање, одлучивме да ја смениме темата и ја прашавме што е она што најмногу и недостасува овој период и што најпрво ќе направи кога ќе се укине полицискиот час?

“Искрено ми недостасуваат сите оние кои ги сакам, а не можам да ги видам и дружам. А најмногу мојата работа пеењето затоа што само таму сум комплетна и исполнета. А укинувањето на полицискиот час планирам да го прославам со журка, тоа најмногу ми недостасува”, ни откри Елена.

Автор на текстот: Билјана Крнческа/Свет Аустралиа

Повеќе на Музика24...