Мартин Милески го претставува својот прв албум со инструментални композиции (Аудио)

Во рубриката “24 Промо” денес ви го претставуваме Мартин Милески, млад музичар кој живее, работи и твори во најубавиот туристички град во Македонија, градот Охрид. Овој млад гитарист, композитор и голем љубител на добрата музика, како што самиот тој се нарекува, ви го претставува својот прв деби албум со осум инструментални нумери наречен “Colosseum full of emotions”.

“Со снимање на албумот почнав во 2017 година, а го објавив, прво за странскиот пазар во април 2019 година. Сниман е во студиото на Александар Јосифовски, “Lunar Acoustix”. На албумот исто така се слушаат звуците на Хендрик Зингер и Блаж Ангелков (гостин на една песна) на бас гитара и Мухамед Реџепоски на саксофон. Обвивката е дело на Александар Илиевски. Аранжманите на 7 од песните се дела од самиот продуцент Александар и секако мои, а еден од аранжманите е дело на, прерано починатиот, Андреј Лаброски”, вели Мартин за Музика24.

Тој меѓудругото вели и дека целосната инспирација за компонирање на песните ја извлекол од секојдневните настани.

“Болката кон моите прерано починати родители, до губење на саканите личности, па се до искрените детски насмевки и прегратки, старата и нова љубов, трнливиот пат кон успехот, и сите падови и подеми кои ме довеле до она што денес всушност сум. Сите тие настани ме доведоа до посакуваните тонови за да го искомпонирам моето првенче”, додава Милески.

Овој албум за него на еден начин претставува биографска приказна, тежок и трнлив пат кој го има изодено во минатите неколку години. Истиот го посветува на неговите родители и најголемата љубов. Секоја од песните носи своја, уникатна емоција која што тој успева да ја пренесе преку нотите на сингловите.

Во продолжение ви нудиме само еден мал дел од она што тој го има подготвено и снимено, доколку ве интересираат неговите инструментални композиции, можете истите да ги преслушате во продолжение или на следниот канал на YouTube: Мартин Милески – “Colosseum full of emotions”.

Повеќе на Музика24...