Во прв ред

64 денови културна програма: „Мизар“ и „Меморија“ со концерти на „Бит Фест“

Битолското културно лето, започнува вечерва со концерт на Каролина Гочева во Хераклеја и ќе трае до 31 август. Оваа година, „Бит Фест“ воведува нов концепт на културно лето, кое истовремено ќе ги поврзува традицијата и современите достигнувања во културниот свет.

Во следните 64 денови, на повеќе просторни сцени во градот на кои како дел од „Бит Фест“ ќе се одржуваат 10 фестивали, со гостувања на уметници од над 20 земји од светот, Битола низ автентичен културен израз, ќе ја промовира македонската уметност, култура и традиција пред домашната и странска публика, градејќи и цврсти меѓународни врски, за нови можности за културен напредок на градот.

Освен концертот на Каролина, на програмата се и два други големи концерти. Култните „Мизар“ на 9-ти август на платото кај Офицерскиот дом, а програмата завршува со концерт на „Меморија“ на 31-ви август во Хераклеја.

Дел од музичката и музичко сценската уметност на „Бит Фест“ се и Камерниот оркестар „Профундис“, виолинистите Владимир Костов, Ана Контраденко, Марко Поп Ристов, сопранот Весна Гиновска Илкова, а под наслов „Со лезет за Битола“ ќе настапат светски познатите, македонски оперски пејачи Ана и Игор Дурловски. Традиционално, „Со песни за Битола“, продолжуваме со „Незаборав“. За љубителите на џез – културата, ќе се одржи Интернационалниот „Џез Фабрика Фестивал“, а „Балкан Гала фестивалот“ на Камерниот оркестар на Битола, ќе биде исполнет со поп и рок симфонија.

Музиката и традицијата, ќе се негуваат преку „Локум фест“, а меѓу богатите содржини за време на фестивалот „Илинденски денови“ на „Бит Фест“ е и гостувањето на ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“ и Влатко Стефановски.

Официјалната програма, ќе заврши на 31 август, а на предлог на комисијата, поддржани се и апликации кои се однесуваат на културни содржини кои ќе се реализираат во Битола, надвор од програмата на битолското културно лето, до крајот на годината. Ваквиот пристап на општина Битола, нуди простор и поддршка и за други проекти да бидат презентирани пред битолската јавност, да се потикне потенцијалот за идна соработка, но и да се отвори можност за реализација на проекти кои заради своите специфики и интересот на градот да ги поддржи, имаат потреба за дополнително време и средства за реализација.

Целата програма е достапна на веб-страницата на Општина Битола.

Можеби ќе ве интересира: