Во прв ред

Аква Парк Фест ги отвора вратите за демо бендовите

“Аква Парк Фест”, освен веќе афирмираните музички имиња, во рамките на своите фестивалски акции и иницијативата за афирмирање на младата музичка сцена кај нас, објави конкурс за демо бендовите, нудејќи им можност да ја почувствуваат фестивалската адмосфера и настапот пред бројна публика.

“На наше огромно задоволство, бевме позитивно изненадени од големиот број на аплакиции, што беше и најдобро оправдување за оваа иницијатива. Им благодариме на сите музичари за нивното учество и им посакуваме одлично фестивалско претставување на селектираните бендови од овој конкурс кои ќе настапат на претстојниот “Аква Парк Фест”, велат организаторите. Честа на младата музичка сцена на “Аква Парк Фест” ќе ја бранат групите: “Прв Ред”, “Skullcrush”, “Skyrise” и “Anna O”, кои Музика24 накратко ви ги претставува…

Момците од “Прв ред” кои доаѓаат од Пробиштип, за себе велат дека се хулиган-рок’н’рол бенд , кој е оформен во септември 2010 година. Првата свирка ја имаат во рамки на “Rock & Riot Fest vol.1” во 2011-та, каде настапуваат заедно со “Е!?”, “Лоши Деца” од Скопје и “Punkreas” од Црна Гора. До сега бендот има настапувано во неколку градови низ Македонија, а во јули 2012-та, во “Студио Кај Трајче”, бендот го снима нивниот деби албум, насловен “Само најсилните преживуваат”.

Skullcrush е треш-метал група формирана во Битола, есента 2004. Во сегашниот состав, првата свирка им била заедно со “Hall of Sins” и “Lanfer” во Битола, есента 2005-та и од тогаш следуваат повеќе настапи во земјава. Меѓу нив вреди да се споменат настапите на фестивалите: Мораториум (Прилеп), Дојди Веслај (Струга), Аларм за Природата (Љубаништа), Metal Discharge(Битола), Кале Фест (Кичево), Battle for Wacken (Скопје) и Rock Fest (Скопје) како и клубските свирки на кои ја делат сцената со познатите бендови како: французите Bloody Sign, босанците Agonize и србите Infest, Decrepancy, Disdained, Mad & Goya и Ashen Epitaph.

Skyrise се млад алтернатив рок бенд од Тетово, активен од август 2012 година. На публиката првпат и се претставуваат во март, 2013 година со песните “Let Yourself Go” и “Playing God”, зад кои како продуцент се потпишува Гоце Симоноски, гитарист на High Control и продуцент на последниот албум на Суперхикс. Песните веднаш добиваат позитивни реакции од публиката и македонската јавност. Звукот на бендот може да се опише како моќен, меланхоличен и модерно алтернативен. Бендот во моментов работи на својот прв албум.

На Аква Парк Фест ќе се претстави и младата група Anna O од Кочани, која постои само неколку месеци, а својата музика ја одередува како панк/инди/алтернатив/пост-емо . Досега имаат снимено неколку гаражни снимки, а имаат свирено на АTD Turns 3.
Овие четири млади групи ќе ја отворат вечерната програма на фестивалот, со настапи на главната фестивалска бина, која ќе ја делат заедно со веќе објавените хедлајнери на Аква Парк Фест како Paul Van Dyk, Mark Knight, Кирил Џајковски, Sunnery James & Ryan Marciano, Суперхикс, Фолтин, Bernays Propaganda, S.A.R.S., Smut, Foolish Green, Conquering Lion, Сашко Костов & TWW, а кон оваа листа се приклучуваат и локалните DJ Iceberg и DJ Flooder, кои се веќе докажани како артисти со енергични сетови за еуфоричен подиумски танц.

Покрај вечерната музичка програма, посетителите на “Аква Парк Фест” ги очекува и дневна музичка програма, со која е загарантирана незаборавната забава додека истовремено уживаат во водените атракции на Аква паркот, чие официјално отворање на новата летна сезона ќе биде означено токму со Аква Парк фестивалот. На 24-ти и 25-ти мај, дневната атмосфера ќе ја вжештат настапите на Rootboy, Цобе и Стефано, New Sound Band, Ghetto Rudi, Branchez и No End.

“Аква Парк Фест” ќе се одржи на 24-ти и 25-ти мај, на просторот на првиот Аква парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Фестивалскиот простор покрај двете фестивалски бини и Аква паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: