Архангел и Неша Галија дел од овогодинешниот Вевчански карневал

Вевчани се подготвува за традиционалниот карневал кој ќе се случува од 12-ти до 14-ти јануари. Од организацијата најавуваат доста интересни содржини во склоп на музичката програма и интересни гости од естрадата. Потврден е настапот на легендарниот рок бенд Архангел, а исто така на 12-ти свој концерт ќе одржи и Ненад Милосављевиќ, фронтмен на бендот “Галија”, познат како Неша Галија.

Карневалот кој што е посветен на Свети Василиј Велики е настан за кој се верува дека датира од пред 1400 години и привлекува голем број на посетители секоја година во Вевчани. Посебно се интересни маските во чест на политичарите. Преку маски најчесто се прикажуваат на сатиричен начин сите позначајни настани на политичката сцена кои се случиле во годината што измина.

Така на пример, лани, актуелни беа маски кои симболизираа настани поврзани со нападот на собранието, загадувањето, патните трошоци на пратениците, наши политичари, американскиот претседател Доналд Трамп… Обичај е маските да се изработуваат во тајност, а по завршувањето на карневалот се палат.

Вевчанскиот карневал е член на асоцијацијата на карневали ФЕЦЦ и секоја година има гости од околу 50 држави од светот.

Повеќе на Музика24...