Поради одличната соработка со неговиот тим, во неколку наврати досега Ве информиравме, пишувавме за големата летна турнеја на мега популарниот Саша Ковачевиќ низ градовите во Македонија. На големо се зборува за празникот на девојките, неговата верна публика и деновите кога и каде тој настапува. Саша Ковачевиќ од прекрасната Куба ни испрати видео покана (кое можете да го погледнете на следниот линк: Саша Ковачевиќ во Битола) каде ги поканува сите негови обожаватели и оние кои сакаат да се забавуваат утре 24-ти јуни петок во Битола (Ракометно Игралиште), а тој во Куба престојува за снимањето на неговите два видео записи за песните “Замало твој” и “Температура” кои беа снимани во Барселона со најпознатите продуценти кои имаат соработувано со Енрике Инглесијас и Шакира. Специјализираниот македонски музички портал Музика24 ексклузивно дознава дека песните ќе бидат летни со регетон верзии.
Инаку, како што веќе пишувавме, хитовите како “Случајно”, “Лапсус”, “Ноќ до подне”, “Браним”, “Где смо моја љубави” и многу други во живо Саша Ковачевиќ ќе ги отпее пред кавадарчани на 1-ви јули во спортската сала “Јасмин”, а веќе следниот ден, на 2-ри јули организаторот најавува мега спектакл во спортската сала “Парк”. Концертната турнеја е планирано да се заокружи со најголем концерт во салата “Билјанини извори” во Охрид на 31-ви јули каде публиката покрај новите песни, ќе може да слушне и голем број на македонски евергрини во интерпретација на Саша Ковачевиќ и негов колега, специјален гостин чие име ќе биде откриено многу наскоро.
Ве потсетуваме дека сите концерти започнуваат во 21 часот, а билетите во текот на денешниот и утрешниот ден ќе чинат 400 денари за Битола, а за останатите градови Кавадарци, Струмица и Охрид се веќе пуштени во продажба по промотивна цена од 350 денари. Од Продукцијата “Балкан Медија” преку социјалните мрежи апелираа да се купуваат билети исклучиво од официјални продажни места и менаџери кои се објавени на самите настани на Фејсбук. Продукцијата не сноси одговорност за билети купени од неофицијални продажни места.
Текстот го подготви: Маринела Каранфилоска / Иван Јосимовски