Божо Вреќо емотивно ја разбуди македонската публика (Фото+Видео)

Вчера вечер 23-ти февруари во Македонската опера и балет се оддржа долго очекуваниот и најавуван, интересен и спектакуларен концерт на “принцот на севдахот” на “ангелскиот глас” кој што само со една ислушана севдалника ќе ви ја стопи душата. Ова е негов прв концерт во Скопје, а втор во Македонија.

После музичкото интро кое беше рај за уши, се појави токму тој… екцентричниот, но сам по себе интересен, со една посебна позитивна енергија, специфичен и екстравагантен… Божо Вреќо.

За разлика од останатите концерти на кои што досега сме имале прилика да го видиме што преку фотографии, што преку видео снимки, овој пат тој пред македонската публика, на сцената се појави во светло сино здолниште со импровизирани трегени, кој рака на срце му прилегаше за танцување, така на некој начин доаѓаа до израз и сите тетоважи кои тој ги има на своето тело.

Со песната “Алаџа” тој го започна скопскиот концерт. “Добро вечер Скопје”, беше првото нешто со што ја поздрави присутната публика, а потоа на неколку наврати сакаше да ја слушне публиката, да ја почувствува таа енергија и на неколку пати велеше: “Да ве слушнам”, на што таа со огромни овации и аплаудирање го поздравуваше.

А потоа… концертот спонтано без некое посебно сценарио се редеше песна по песна, хит по хит. Изненадувачки е тоа што Божо Вреќо и покрај тоа што е релативно малку познат во македонската јавност и малкумина ја знаат, почитуваат и слушаат неговата музика, се она што тој го работи и твори, Македонската опера и балет беше преполна за да се види и чуе музичар од светски рамки како што е токму тој.

“Ко ти ночас милује ти косу”, “Бисмиллах”, “Пашана”, “Драги”, “Селим”, “Пустиња”… беа само дел од песните кој публиката имаше привилегија да ги слушне во живо, да ги почувствува на неговиот прв концерт во Скопје. Пред да започне со песната “Црне очи”, тој од сцената се симна долу поблиску до публиката, која верувале или не, едногласно сите ја пееја оваа позната песна заедно со него. Момент кој не може да се прераскаже, туку едноставно може само да се доживее и види. Концерт во кој што освен Вреќо, уживаше и емотивно и целосно се предаде и публиката…

Песните “Крила” и “Мени си била вриједна” беа испеани со посебни емоции, чувства, испеани на еден посебен начин на кој што досега не биле никаде слушнати. За тоа така да звучи и да се долови сета таа емоција, освен тој на сцената, беа заслужни и одличните Оливер Јосифовски кој свиреше бас, како и дел од музичарите што го придужуваа на сцената: Игор Милевски, Кадир Догани, Марко Николиќ и Демир Кантуровски.

“Сега ќе слушнете една песна со која многу парови се земале, ама и се развеле”, изјави Божо на сцената, а веднаш потоа започна една од неговите најпознати хит песни “Пандора”, песна која што како со нетрпение публиката да ја чекаше. Сите пееја во еден глас, Божо на сцената, а публиката од другата, спротивната страна. Се беше толку волшебно, убаво… со еден збор, се беше толку совршено.

Единствени музички гости, како изненадување на сцената, беа Љубојна кои со Божо премиерно и во магична атмосфера ја изведоа “Поље макова”, дует со нашата етно дива Вера Милошевска, снимен за неговиот последен албум “Принц Севдаха” во издание на Кроација Рекордс.

Концертот како што и започна, разиграно и со многу страст и љубов, така и заврши. После два ипол часа пеење и играње, Божо Вреќо се поздрави со публика со ветување дека следната година повторно ќе се видиме. Дали тоа значи дека дефинитивно македонската публика е гладна за вистинска и квалитетна музика, уметност која извира од душата и телото, а не само т.н селски панѓури каде што ниту се знае кој пие ниту кој плаќа.

Благодариме Авалон, Благодариме Божо Вреќо!

ПС: За жал ниту еден медиум не смогна сили, а веројатно ниту интерес, концерт од ваков музичко-уметнички жарн, перформанс, да биде снимен и потоа емитуван.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Стефан Рајхл / Музика24

Видео: Музика24

Повеќе на Музика24...