Во организација на Балкан Медиа, вчера вечер во спортската арена “Борис Трајковски” се одржа долгонајавуваниот, очекуван и спектакуларен концерт на мега популарната балканска фолк пејачка Светлана Цеца Ражњатовиќ. Иако се доцнеше со самиот почеток на концертот, впрочем како и се во Македонија, сепак, како пред група и мало загревање на публиката на сцената се појави македонската група “Либеро бенд” кои што се обидоа да го поткренат расположението на публиката пеејќи познати балкански и македонски хитови.
Но секако, најголемата еуфорија беше излегувањето на балканската фолк кралица, како што многумина сакаат да ја нарекуваат, мега популарната пејачка Светлана Цеца Ражњатовиќ, во продолжение погледнете го видеото како се појави на сцената и со која песна Цеца го започна концертот.
А веднаш потоа, таа продолжи со нејзините многу добро познати хитови: “Кукавица”, “Тачно је”, “Иди док си млад”, “Београд”, “Забрањени град”… а освен овие песни, Цеца пред македонската публика за прв пат ги претстави и новите песни од нејзиниот нов албум “Позив”, па присутните ја имаа таа ретка привилегија во живо да ги слушнат: “Турбулентно”, “Да раскинем са њом”, “5 минута”, “Брат”, “Име и презиме”… и уште мнооогу други хитови кои македонската публика секако ги знаеше.
Интересно беше што во еден момент додека пејачката пееше на сцената, некој од првите редови во публиката и го подаде македонското знаме, а таа ни едно ни две го нагрна на себе и продолжи да ги пее своите хитови. Иако спонтано и однапред недоговорено, глетката беше прекрасна.
На самиот крај од концертот, како и речиси секогаш така и овој пат, Цеца емотивно ја отпеа нашата македонска народна песна “Зајди зајди” на која и за момент заплака. За жал овој пат немаше бис, но интересно беше и за момент зачудувачки што на сцената имаше неколку сниматели кои претпоставуваме дека освен концертот кој што го снимаа, наскоро не е чудо да погледнеме и видео спот за некоја од нејзините нови песни со снимки од вчерашниот концерт во Скопје.
Концертот помина во најдобро светло, конечно нешто добро да се случи во македонската метропола независно за какво музичко случување станува збор, факт е дека тоа недостасува во нашиот град, држава.
Подготви: Иван Јосимовски
Фото и видео: Музика24