Во прв ред

Голем концерт на Весна Змијанац, Харис Џиновиќ и Хари Мата Хари во Скопје

По мирниот период кога ништо не се случуваше, конечно Македонија ја зафати концертна треска. По мноштво концерти кои се одржаа и веќе се најавени, Музика24 Ве информира дека наскоро ќе се одржи уште еден голем концерт на кој што ќе настапат три големи балкански ѕвезди, концерт кој никако не смеете да го пропуштите. На 18-ти април во спортската арена “Борис Трајковски” е најавен четиричасовниот концерт каде своите најголеми хитови пред македонската публика ќе ги отпеат мега популарните Харис Џиновиќ, Весна Змијанац и Хари Мата Хари.

Како што дознаваме, предвидено е прв на сцената да застане Хари Варешановиќ, со кого македонската публика периодов има можност да се дружи низ телевизиското шоу “Пинкови ѕвездички”, а по него ќе следуваат уште едниот член на повозрасните “Пинкови ѕвезди” – Харис Џиновиќ, и секако, Весна Змијанац, дамата која во својата кариера има издадено 13 албуми и голем број на незаборавни и легендарни хитови.

Колку за мало потсетување, Хари Варешановиќ или фронтменот на составот Хари Мата Хари почнал да пее и свири гитара на 6 години, а веќе на 10 пеел во составот Оми, подоцна и во групата “Седум шуми”. Кариерата оди во нагорна линија по 1985-та година кога се формира Хари Мата Хари. Во кариерата преполна со хитови и награди, му е запишан и настапот на Евровизија во 2006-та година кога ја отпеа одличната “Лејла”.

Џиновиќ пак, на музичката сцена е активен од 1981-та година, кога ја формира групата “Сар е Рома”, со која во периодот меѓу 1982-та до 1985-та издава три албума. Од 1989-та година влегува во соло водите. “Муштулук”, “Паришке капије”, “Рано је за тугу”, “Како ми недостајеш”, “Јел су дуње процвале”, “Пусти ме”, “И тебе сам сит кафано”, “Остаричу нечу знати”… се само дел од најголемите хитови на Џиновиќ, а кои ќе се најдат на репертоарот на тројниот скопски концерт на 18-ти април.

Музичкиот пат на Весна Змијанац започнува во далечната 1979-та година кога го снима синглот “Хвала ти за све”. Во богатата музичка кариера има безброј хитови меѓу кои ќе ги споменеме: “Сватови”, “Краљица туге”, “Неверо моја”, “Сто живота”, “Казни ме казни”, “Да будемо ночас заједно”, “Мало по мало”… и многу други.

Како што веќе напоменавме, местото на случување е спортската арена “Борис Трајковски”, а стартот за закажан во 21 часот. Билетите кои се веќе пуштени во продажната мрежа на Купи карти за се, можете да ги најдете и во Розе Веро 2, билетарницата на “Борис Трајковски”, како и во ресторанот “Окарина” по цена од 400 денари. Предвидено е концертот односно музичката програма да трае повеќе од четири часа.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: