Во прв ред

Денес во Кинотека на Македонија проекција на концертот на Јосипа Лисац

Денес (8-ми јули) во Кинотеката на Република Македонија, на летната сцена „Мирно лето“, со почеток во 20.30 часот, со проекција на концертот „Јосипа Лисац from Croatia Records Studio“ – „…ту у мојој души станујеш…“, продолжува циклусот „Концерти во Кинотека со Croatia Records“, кои оваа установа ги реализира во соработка со најголемата дискографска куќа во регионот, „Croatia Records“.

Додека животот во времето на светска пандемија полека се враќа во нормала, а концертната сезона полека заживува, Кинотека и „Croatia Records“ им подаруваат на скопјани, и на сите кои ова лето го поминуваат во градот, нешто проверено, убаво и ексклузивно.

Програмата стартуваше на 1 јули со концертот на Влатко Стефановски во Лисински, а секој следен четврток во седмиот месец тековната година, ќе биде прикажан по еден концерт од богатата BLU RAY програма на дискографскиот гигант, кои, според сензибилитетот одговараат на местото и на времето.

Концертот на Јосипа во „Croatia Records Studio“ – „…ту у мојој души станујеш…“, несомнено претставува врвно аудио-визуелно остварување, што потврдува и податокот дека освен на CD и Blu Ray Disc, овој концерт беше објавен и на винил. На концертот во студио, без публика, Јосипа испеа 12 песни – од култната „Богиња“, до легендарната „Магла“, вклучувајќи ги и: „О једној младости“, „Док размишљам о нама“, „Данас сам луда“, Хир, хир, хир“, Гдје Дунав љуби небо“… Се на се, вкупно времетраење е 84:55 минути.

И овој концерт големата дива му го посвети на нејзиниот легендарен сопруг Карло Метикош. Концертот беше реализиран во студиото на „Croatia Records“ во Загреб на 30 октомври 2018 г, во придружба на музичарите: Тони Старешиниќ (клавијатури), Борна Шерцар (тапани), Давор Чрнигој (бас гитара) и Јосип Грах (труба и хармоника).

“Јосипа Лисац е сонувач кој сонува со очи ширум отворени, и е непоправлив идеалист и визионер. Со нејзиниот волшебен глас, таа е рамо до рамо со светските музички великани Едит Пјаф и Фреди Меркјури…”, пишува во белешката за концертот.

Техничката екипа која работеше на снимката, објавена на ова Blu Ray издание на „Croatia Records“, кој овој четврток ќе биде прикажано во рамките на циклусот „Концерти во Кинотека…“, ја сочинуваа: Сниматели: Марко Зељковиќ, Ивица Врањиќ, Петар Милиќ, Доналд Једвај, Дарио Лепоглавец и Марко Урбиќ. DOP: Петар Милиќ. Разговорот со Јоспиа го водеше Милан Мајеровиќ Стилиновиќ. Режисер: Марко Зељковиќ. Снимање, микс, мастеринг и продукција: Горан Мартинац – Croatia Records studio. Blu Ray authoring: Марио Календариќ. Фотографии: Горан Беровиќ. Ликовно обликување: Ана Лукетин Фахренвалд. Уредник на изданието: Клаудија Чулар.

Доколку заврне, настанот од летната сцена на Кинотека се преселува во внатрешноста на оваа установа, а влезницата е повеќе од симболична – 100 денари. Стартот на проекцијата е точно во 20.30 часот. Посетителите на овој настан ќе имаат прилика да се запознаат и со најновите изданија на „Croatia Records“, на штандот на „Zec Electronic“, дистрибутер за Македонија.

Веќе следниот четврток, на 15-ти јули, во рамките на циклусот ќе биде емитуван концертот на Раде Шербеџија и бендот „Западни колодвор“ во ХНК – „Хрватско нардодно казалиште“.

Можеби ќе ве интересира: