Дуо Кировски ќе го прослави 20-от роденден со концерт во Куманово

Дуото составено од Љубиша Кировски на виолина и виола и Маја Шутевска Кировска на пијано вечерва во 19 часот, ќе одржат свој концерт во Малата сала на Центарот за култура “Трајко Прокопиев” во Куманово. Камерен гостин на концертот ќе биде Александра Кировска – гитара. На програмата се дела од Т. Манчев – Соната Lamentoso за виолина и пијано, Ј. Сук – Љубовна песна за виолина и пијано, М. Шмиц – Џез – поп соната за виолина и пијано ( премиерна изведба) како и премиерна изведба на Солзи за виолина и пијано од Е. Божиновски, а посветена на дуо Кировски. Камерното дуо Кировски е оформено во 1993-та година. Од основањето до денес, дуото има реализирано бројни настапи во Македонија: “Охридско лето”, “Скопско лето”, премиерни концерти секоја година во Салонот 19,19 при КИЦ, “Штипско лето”, “Хераклејски вечери”, “Денови на македонска музика”, “Есенски музички свечености”. Во 1997 година дуото специјализира на Европската Моцарт академија во Варшава. Во 1998-та година ја добиваат специјалната награда на Централно-европска иницијатива на меѓународниот натпревар за камерна музика “Трио де Триесте”, Италија, кој е наедно и најголемиот натпревар од ваков тип во светот. Репертоарот на дуото опфаќа дела од барокот до музика на 20 век, со над 40 сонати за виолина и пијано. Дуото особено го негува македонското музичко творештво, редовно изведувајќи дела од македонски композитори. Извор: Fox.mk
Повеќе на Музика24...