Авалон продукција уште еднаш ни потврди и ни докажа дека може слободно да сме рамо до рамо со останатите светски метрополи, барем кога станува збор за музиката. Никој никогаш немаше да поверува дека ваква светска музичка ѕвезда некогаш ќе има волку голем и спектакуларен концерт во нашиот главен град.
Авалонци, Ви благодариме и секоја Ви чест!
Но да започнеме од почеток. Тие го најавија концертот, а ние пак новинарите иако со неверување дека салата ќе биде преполна со оглед на цената на билетите, сепак велевме дека за ваква голема светска ѕвезда на други места, градови се плаќа многу повеќе. Но скопјани и воопшто македонската публика едноставно се презаситени од оние балкански наменски комерцијални концерти за кој однапред знаеме и колку и како и зошто. Докажавме дека како публика сме повеќе од подготвени, спремни да дочекаме и многу повеќе од тоа, а пред само некоја вечер тоа и го докажавме на дело.
Пред самиот концерт во ВИП Арената, Енрике имаше кратка средба со министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска каде тие заедно кратко поразговараа за неговото гостување и концертот, а веднаш потоа таа му посака одлично поминат концерт.
Ако досега сме навикнати музичките имиња кои имаат големи концерти во Скопје да ги гледаме од далеку и да се држат само до бината и ништо повеќе, одличнот Енрике им докажа на сите нив како и на кој начин треба да се комуницира и да се биде близок со публиката, фановите кои всушност се дојдени токму за него и неговите песни. На неколку наврати без ников срам и најава, светски познатиот пејач се симна кај публиката, храбро и цврсто чекореше низ своите фанови кои ја имаа таа единствена привилегија да се фотографираат со него или само да го гушнат.
Латино заводникот вообичаено на своите концерти на своите обожавателки им покажува кога е добро расположен. Некои од нив ги вади на сцена и ги бакнува в уста, по што тие остануваат шокирани.
“Се возбудувам кога сум на сцена. Не го правам тоа така често, само кога сум навистина добро расположен”, изјави Иглесијас, додавајќи дека при бакнежот никогаш не “пушта јазик”.
Заедно со својот бенд наздравија на македонски, со нашето препознатливо: “На здравје”, а во текот на концертот Иглесијас ја поздрави македонската публика велејќи и:
“Ти благодарам, Македонијо. Сакам да се преселам во Скопје”.
Ден по концертот, Авалонци со задоволство и гордост за Музика24 изјавија дека во ВИП Арената имало повеќе од 10.000 илјади публика. Како фанови од Скопје, така и од цела Македонија, а веруваме и од соседните држави. Од таму велат дека Енрике повторно ќе го видиме во Скопје.
Дефинитивно, ова претставува најурбаниот настан во Република Македонија во последните години и години…
ПС: Како што неофицијално дознава Музика24, познатата светска музичка ѕвезда откако дојде во Скопје, ден пред одржувањето на концертот и вечерта по одржувањето, преспал во еден од најелитните хотели во Скопје хотелот “Мериот” и тоа во претседателскиот апаратман, со што неофицијално, Иглесијас бил и првиот гостин во тој апартман.
Подготви: Александра Блажевска
Фото: Авалон продукција / Ѕвонко Плавевски